ПРАВДАТА НА ПАУЗА? ОСУДЕНИОТ ГАЗДА ПАК ГО ОДЛОЖУВА ПАТOТ КОН ИДРИЗОВО

Газдата на гостиварската транспортна компанија „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, осуден на 10 години затвор за автобуската трагедија кај Ласкарци, повторно побара одложување на издржувањето на затворската казна. Како причина се наведуваат здравствени проблеми, односно оперативен зафат извршен на 1 декември, по кој, според лекарски извештај, му е потребно постоперативно мирување од 20 до 30 дена.

Барањето е доставено до Основниот суд во Гостивар, а судот најави дека ќе побара дополнителна изјава од докторот кој ја извршил операцијата во тетовската болница. Одлуката се очекува пред истекот на законскиот рок, иако Белули требаше да се јави на издржување на казната во КПУ „Идризово“.

Во исто време, второобвинетиот Ремзи Мифтари, шеф на возниот парк во „Дурмо турс“, и натаму е во бегство. И тој беше осуден на 10 години затвор, но по истекот на рокот за доброволно јавување не се појави во затвор, по што по него е распишана потерница.

Случајот со трагедијата кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, повторно ја бранува јавноста. Граѓаните реагираат на повторливите одложувања и на впечатокот дека правдата се спроведува бавно и селективно, особено кога станува збор за правосилно осудени лица.

Loading