ШТО ЗНАЧИ НАЈАВАТА НА ТРАМП ЗА 50 МИЛИОНИ БАРЕЛИ ВЕНЕЦУЕЛСКА НАФТА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Венецуела ќе им испорача на Соединетите Американски Држави меѓу 30 и 50 милиони барели сурова нафта, чија вредност, според моменталните пазарни цени, се проценува на околу 2,8 милијарди долари.

Според изјавата на Трамп, нафтата ќе биде транспортирана директно со бродови до американските пристаништа, а приходите од нејзината продажба ќе бидат под строга контрола на американската администрација. Тој нагласи дека средствата ќе бидат искористени „за доброто на народите на двете земји“.

Трамп исто така посочи дека САД директно се вклучуваат во управувањето со венецуелската нафтена индустрија, која со години се соочува со сериозни проблеми поради санкции, недостиг од инвестиции и техничка запуштеност.

Венецуела, која располага со едни од најголемите резерви на нафта во светот, во голема мера зависи од приходите од енергетскиот сектор. Сепак, официјалните власти во Каракас засега не дадоа коментар за најавите на американскиот претседател.

Белата куќа најави и состанок со претставници на водечки американски нафтени компании, на кој ќе се разговара за можностите за идни инвестиции и обновување на нафтената инфраструктура во Венецуела.

За САД, количината на нафта што ја спомена Трамп претставува релативно мал дел од вкупното дневно производство, кое изнесува околу 14 милиони барели дневно, но за Венецуела ваквиот договор би имал значајно економско и политичко влијание.

Loading