ГРЕНЛАНД ВО ФОКУСОТ: ТИВКА ВОЕНА ИГРА НА ГОЛЕМИТЕ СИЛИ?

Европските земји разгледуваат можност за распоредување воени сили на Гренланд, во рамки на потенцијална мисија на НАТО, со цел зајакнување на безбедноста на Арктикот и одвраќање од растечките закани од Русија и Кина.

Иницијативата, според британски и европски извори, ја предводи британскиот премиер Кир Стармер, кој веќе води разговори со сојузниците од Европа, вклучувајќи ги Германија и Франција, за можностите за зголемено воено присуство на овој стратешки остров.

Гренланд, кој е автономна територија на Данска, има огромно геостратешко значење поради својата позиција на Арктикот, близината до Северна Америка, како и поради природните ресурси и клучните поморски рути. Токму поради тоа, островот е сè почесто во фокусот на глобалните сили.

Американскиот претседател Доналд Трамп во изминатите години повеќепати ја актуелизираше контроверзната идеја за купување или преземање на Гренланд, нагласувајќи дека островот е од витално значење за националната безбедност на САД. Овие изјави предизвикаа загриженост кај европските сојузници, кои стравуваат од дестабилизација на односите во рамки на НАТО.

Според изворите, плановите на Европа би можеле да вклучат распоредување на војници, воени бродови и авиони, како и заеднички арктички вежби, со цел јасно да се демонстрира дека безбедноста на Гренланд е европско и НАТО прашање. Европските земји се надеваат дека ваквиот чекор ќе ги намали тензиите и ќе ги одврати сите еднострани потези во регионот.

Разговорите се уште се во рана фаза, но пораката е јасна: Арктикот станува ново жариште на глобалната геополитика, а Европа сака да има активна и видлива улога во неговата заштита.

Loading