ДИК ПО МЕРКА НА СДСМ – ЗОШТО ИЗБОРОТ ПАДНА НА МАРИЧИЌ?

Одлуката за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК предизвикува силни реакции во јавноста и во рамки на владејачката партија. Според информации објавени од Телевизија 24, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, донел одлука Бојан Маричиќ да биде предложен за нов претседател на Државна изборна комисија.

Според висок партиски функционер, Филипче ја одложувал одлуката до последен момент, по што попладнево ја испратил до Собранието. Со ваквиот потег, Маричиќ, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, се наметнува како прв избор за челната позиција во ДИК, и покрај постоењето на повеќе кандидати во игра.

Од трката за претседател на ДИК испадна поранешната заменичка-министерка за правда и претседателка на Изборната комисија на СДСМ, Викторија Аврамовска Мадиќ, која формално го прогласи Филипче за нов лидер на партијата. Според извори од Бихаќка, сериозни шанси ѝ се давале и на Марија Митановска од Министерството за правда, но таа сепак не влезе во финалниот избор.

Во меѓувреме, Викторија Аврамовска Мадиќ, Марија Митановска, сопруга на Примослав Димовски, како и пратеничката од СДСМ Даниела Марковска, ќе му го продолжат мандатот на Борис Кондарко, но овојпат во улога на член на Државната изборна комисија.

Иако имаше повеќе конкуренти за позициите во ДИК, според партиски извори, конечната одлука ја донел лично Филипче. Овој избор доаѓа откако во понеделникот Комисијата за избори и именувања ја потврди листата на пријавени кандидати, што дополнително ги засили шпекулациите за силно политичко влијание врз изборниот процес.

Останува да се види дали предлогот за Бојан Маричиќ ќе помине без отпор во Собранието и какви реакции ќе предизвика во јавноста, имајќи ја предвид чувствителноста на улогата на ДИК во изборниот систем на Македонија.

Loading