„НАПУКНАА“ ТАЈНИТЕ НА ПРАВОСУДСТВОТО

Корупцијата во правосудството повторно на површина: Истрагата за апелацискиот судија Ѓоко Ристов отвора сериозни прашања

Спогодбите со корумпирани претставници на правната фела, какви што имаше во 2024 година, очигледно не придонесуваат за спречување на ваквите појави. Најновиот случај со апелациски судија повторно ја актуелизира дебатата за неказнивоста и слабата превенција од висока корупција во правосудниот систем.

Стан од 70 метри квадратни во Скопје, возило „Фолксваген Пасат“ старо околу десет години и кредит од 1,5 милион денари со рок на отплата до 2038 година – ваква била пријавената имотна состојба на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, доставена во февруари 2020 година, кога бил избран за судија во Апелациониот суд Скопје, каде постапувал по предмети од кривичниот оддел. Оваа формална и, на прв поглед, скромна слика, целосно се урна по опсежната истрага што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 14 декември.

Истрагата најпрво го опфати адвокатот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител, осомничен за примање награда за противзаконито влијание. Според наводите на Обвинителството, Стафа примил 50.000 евра, а побарал вкупно 100.000 евра, за со поткуп да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје со цел да биде укината мерката притвор за лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

Во текот на истражните дејствија, постапката беше проширена и кон судијата Ѓоко Ристов, кој сега е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, за кој постојат сомненија дека е прибавен преку корупција и трговија со влијание. Во рамки на истрагата, беше извршен детален претрес во Неготино, во домот на родителите на осомничениот, каде што, како што соопшти ОЈО ГОКК, во ѕид биле пронајдени околу 350.000 евра, за кои постои основано сомнение дека се незаконски стекнати и прикриени.

Од Обвинителството информираа дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат и дека јавноста може да очекува дополнителни информации за еден од најсериозните случаи на висока корупција досега. Според нивното соопштение, истрагата е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност, а дејствијата ги спроведуваат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при МВР и Управата за финансиска полиција.

Во наредните денови, предметниот јавен обвинител ќе одлучи какви мерки ќе предложи за обезбедување присуство на осомничениот судија. Согласно законските одредби, кога се бара притвор за судија, неопходна е согласност од Судски совет, која мора да се донесе во рок од 24 часа од доставеното барање и со најмалку седум гласа од вкупно 13 членови со право на глас. Исклучок постои само доколку судијата е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.

Токму поради тоа, ваква согласност не беше потребна во мај 2024 година, кога врховниот судија Наке Георгиев беше фатен in flagranti при примање поткуп од 10.000 евра, како дел од поголема договорена сума за противзаконито влијание во предмет за недозволено производство и трговија со дрога. Во истиот случај беше инволвиран и Иџет Мемети, тогашен член на Советот за јавни обвинители, кој призна вина, склучи спогодба со Обвинителството и доби условна затворска казна од една година. Со Обвинителството се спогоди и Георгиев, кому му беше изречена казна затвор од три години и забрана за вршење на професијата.

Најновиот случај со апелацискиот судија уште еднаш го поставува прашањето дали спогодбите со корумпирани носители на јавни функции навистина имаат превентивен ефект или, напротив, создаваат чувство на неказнивост и ја продлабочуваат недовербата на граѓаните во правосудниот систем.

Loading