ФИЛИПЧЕ СО ЖЕСТОК НАПАД ВРЗ ВМРО-ДПМНЕ И ПОВИК ЗА СПАС НА ДРЖАВАТА

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија – СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата што се одржа во Скопје упати жестока критика до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за предавство на националните интереси, економски грабеж и целосна меѓународна изолација на државата.

Во своето обраќање, Филипче истакна дека СДСМ низ историјата секогаш бил „факелот што го покажува патот кон излезот“ во моменти на страв и мрак, нагласувајќи дека партијата и денес има одговорност да ја врати надежта и европската перспектива на Македонија.

Остра критика за економијата и надворешната политика

Филипче ја обвини владата за, како што рече, „осмислен невооружен грабеж на државата“, посочувајќи дека минусот од околу 2 милијарди евра во Буџетот претставува финансиско злосторство против иднината на младите генерации. Според него, инфлацијата, корупцијата и тендерите за блиски до власта луѓе ги туркаат граѓаните кон сиромаштија.

Во делот за надворешната политика, Филипче оцени дека државата е во дипломатска изолација, а европскиот пат е целосно блокиран. Тој го критикуваше и учеството на премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, нарекувајќи го „скап туристички аранжман без ниту една конкретна средба или резултат“.

Обвинувања за антиевропска оска и мигрантски планови

Лидерот на СДСМ предупреди на, како што ја нарече, „оската со Србија и Унгарија“, односно сојуз со Александар Вучиќ и Виктор Орбан, која, според него, ги штити интересите на Москва на Балканот и ја оддалечува Македонија од Европа и САД.

Филипче алармираше и за наводни планови за прифаќање мигранти од Западна Европа, оценувајќи дека власта сака да ја претвори Македонија во „карантин зона за туѓи проблеми“ во замена за финансиски кредити.

Визија на СДСМ: економија на достоинство и социјална држава

Претставувајќи ја програмата на СДСМ, Филипче нагласи дека партијата нуди „економија на достоинство“, со фокус на повисоки плати, подобро здравство, образование и пензии кои ќе ја следат инфлацијата. Тој порача дека младите треба да добијат европски услови за работа дома, а работниците – силна заштита од самоволието на газдите.

„СДСМ не е пазар за функции, туку армија на вредности“, порача Филипче, најавувајќи теренска кампања и обединување на партијата против, како што рече, обидите за нејзино разединување.

На крајот, тој порача дека „надежта има име – СДСМ“, повикувајќи на храброст и активна борба за демократијата и европската иднина на државата.

Loading