КОГА ДРЖАВАТА НЕ СМЕЕ ДА ПЛАТИ: УСТАВНИОТ СУД ОТВОРА ЧУВСТВИТЕЛНО ПРАШАЊЕ

Уставен суд на Република Македонија на својата прва седница одржана на 21 јануари 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, одредба која се однесува на државните органи, општините и јавните претпријатија.

Оспорениот член предвидува дека врз предмети и права на Република Македонија, нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие предмети и права се неопходни за вршење на нивната дејност или законски задачи.

Во вториот став од членот се појаснува дека кои предмети и права се сметаат за неопходни ќе утврди претседателот на надлежниот суд, доколку странките во постапката не се согласат околу тоа прашање или ако се појави потреба во текот на извршувањето.

Сепак, во соопштението до медиумите, Уставниот суд наведува дека во оваа фаза од постапката постои сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна, што може да отвори простор за различно толкување и нееднаква примена во пракса.

Со поведувањето на оваа постапка, Судот практично го отвора прашањето за рамнотежата меѓу заштитата на јавниот интерес и правото на доверителите на ефективна наплата, тема која со години е предмет на стручни и јавни дебати.

Одлуката што ќе следи може да има значајни последици врз извршните постапки против државни и јавни субјекти, како и врз правната сигурност во системот.

Loading