МАРКО БИСЛИМОСКИ НА МЕТА: СЛУЧАЈНО ИЛИ ПОРАКА?

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водоснабдување и управување со комунален отпад, Марко Бислимоски, вчера на прес-конференција реагираше по повод кривичната пријава поднесена против него од страна на Управа за финансиска полиција, која е доставена до Основно јавно обвинителство Скопје.

Бислимоски истакна дека постапките за одземање на лиценци за секоја дејност и сектор се строго утврдени со Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање, и дека тие се применуваат еднакво за сите компании.

„Процедурите што ги развиваме не се исклучок за една компанија или еден сектор. Во истиот период, со исти рокови, идентични постапки се водеа и за други компании, не само во секторот на нафтени деривати, туку и во електроенергетиката“, изјави Бислимоски на вчерашната прес-конференција.

Тој нагласи дека во рамки на Регулаторна комисија за енергетика не постои преференцијален третман и дека одлуките ги носи стручен и сериозен тим, кој работи исклучиво согласно законските прописи.

„Никогаш, буквално никогаш, не постоела повластена компанија, ниту пак постапки спроведени спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање. Истите правила важат за сите“, рече Бислимоски.

Во однос на поднесената кривична пријава, тој истакна дека целосно ќе го следи процесот и ќе ги стави на располагање сите информации на надлежните институции, со цел, како што рече, целосно и транспарентно да се утврди фактичката состојба.

Loading