СКАНДАЛ НА ПАЗАРОТ: ИСТЕЧЕНИ И СОМНИТЕЛНИ ПРОИЗВОДИ СЕ ПРОДАВАЛЕ КАКО „ЗДРАВА ХРАНА“!

Загрижувачки е што во време кога сѐ повеќе граѓани свесно избираат производи означени како „здрава храна“, верувајќи дека прават најдобро за своето здравје и за здравјето на своите семејства, дел од тие производи завршуваат како небезбедни и несоодветни за употреба. Наместо повисоки стандарди и поголема одговорност, контролите покажуваат дека зад привлечните етикети и маркетиншки пораки често стојат сериозни пропусти – од нехигиена и нерегистрирана дејност, до продажба на производи со истечен рок или непознато потекло. Ова не само што ја нарушува довербата на потрошувачите, туку директно го доведува во прашање јавното здравје.

Последните засилени инспекциски надзори покажуваат дека системот мора постојано да биде на штрек. Во рамки на 373 контроли спроведени неделава кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, Агенција за храна и ветеринарство уништила 1.010 килограми небезбедна храна.

Контролите утврдиле неправилности кај 14 оператори, при што било констатирано дека тие воопшто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата. За утврдените недоследности издадени се 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра во денарска противвредност.

Дополнително, кај девет оператори биле утврдени незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите. Кај седум била пронајдена храна со поминат рок на употреба, додека кај двајца оператори била откриена храна со непознато потекло.

Несоодветно означување на производите било констатирано кај 18 оператори, а кај 23 вработените немале спроведено задолжителен здравствен преглед. Двајца оператори немале воспоставено процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса или не воделе соодветни записи, додека кај исто толку не била спроведена задолжителната дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите.

Овие податоци уште еднаш ја потенцираат потребата од континуирани и ригорозни контроли, но и од поголема одговорност кај операторите кои работат со храна. Здравата храна не смее да биде само маркетиншки слоган, туку гаранција за безбедност и квалитет.

Loading