ВМРО-ДПМНЕ вечерва реагираше дека Венко Филипче и СДС се „единствените кои се исплашени“ поради, како што велат, корупцијата и криминалот на структури блиски до СДС. Од партијата порачуваат Филипче „да не шири паника и страв“ и „да не ја префрла вината кај граѓаните“, оценувајќи дека граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи „правда мора да има“, а институциите да профункционираат.
„Заврши времето на политички нарачани пресуди од судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се додава дека „нема скандал, криминал и корупција, а таму да не се вмешани имињата на Заев и Филипче“. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС со денови ја „заматува“ јавноста околу скандалот со запленета марихуана, а потоа, како што тврдат, се „заплеткале во сопствените лаги“ и во случајот со Артан Груби.
Од опозициската партија прашуваат зошто СДС, како што велат, се во паника и хистерија и дали имаат страв од исказот на Груби, посочувајќи дека наводно се интересирале и „вртеа по телефони“ за содржината на исказот. Во таа насока, прашуваат кого би можел Груби да повлече со себе, наведувајќи имиња како Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други.

ВМРО-ДПМНЕ дополнително тврди дека Филипче неуспешно се обидел да ја скрие, како што велат, блискоста на структури на СДС и „кланот Заеви“ со сопственикот на запленетата марихуана. Во реакцијата се споменува фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, при што од партијата наведуваат дека Филипче јавно изјавил дека не ги познава лицата и дека „нема никаква врска“ со сопственикот, но дека „фотографиите кои излегоа во јавноста“ го демантирале.
„Владеење на правото и правдата мора да има. Секој кој го прекршил законот ќе одговара“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
![]()

