ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираше на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Северна Македонија ја спореди со Иран и Венецуела, оценувајќи дека актуелната власт има „слични карактеристики“ со авторитарни режими.
Од владејачката партија велат дека СДСМ е „потоната во свој микросвет“, во кој, според нив, сите се лоши освен тие. Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ прашува кој би му верувал на Филипче кога тврди дека Македонија е како Иран и додава дека ако тоа е така, тогаш со оглед на тоа што СДС беше на власт седум години, а во влада речиси девет со техничката влада, „ова значи дека Заев е ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник“.

Изјавата на Филипче дојде како одговор на новинарско прашање за отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран. Тој порача дека Соединетите Американски Држави, како стратешки партнер, треба да знаат дека во земјата има власт која, според него, покажува сличности со авторитарни режими со кои Вашингтон се справува.
Во образложението, Филипче повтори критики дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја „турка земјата кон изолација“, дека преку вицепремиер има контакти со рускиот претседател Владимир Путин и дека се врши целосна партизација на правосудството. Според него, интеграцијата во ЕУ е стратешки интерес и за САД и за регионот, а актуелните политики, како што тврди, се спротивни на таа насока.
Политичката дебата меѓу двете најголеми партии продолжува со меѓусебни обвинувања околу надворешната политика, евроинтеграциите и состојбите во институциите.
![]()

