ЦЕНОВЕН ШОК ПРЕКУ НОЌ – СЕ ЗАКАНУВА ЛИ НОВ БРАН ПОСКАПУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА?

Дали новиот ценовен шок на нафтените пазари ќе се прелее и кај нас? Иако поскапувањето на бензинот се случува во САД, глобалните нафтени цени се формираат на светските берзи, па секоја ескалација на Блискиот Исток и нарушување на испораките преку Ормускиот Теснец може индиректно да влијае и врз цените на горивата во Македонија – преку увозните трошоци, берзанските движења и очекувањата на пазарот.

Просечната цена на бензинот во Соединетите Американски Држави нагло порасна за 11 центи за само една ноќ, поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и зголемените стравувања од нарушувања во глобалното снабдување со нафта.

Според податоци на Американската автомобилска асоцијација (AAA), еден галон (околу 3,78 литри) обичен бензин се продавал за 3,11 долари, што предизвика изненадување кај дел од возачите низ земјата.

Во меѓувреме, цените на суровата нафта започнаа нагло да растат по најновите тензии во регионот, што дополнително ги засили очекувањата за повисоки трошоци во транспортниот сектор. Посебен притисок врз пазарите создаде и нарушениот танкерски сообраќај низ Ормускиот Теснец – клучна поморска рута низ која, според проценки, минува околу една петтина од светската трговија со нафта.

Референтната американска нафта поскапе за 8,6% и достигна 77,36 долари по барел, додека „брент“ нафтата, како меѓународен стандард, порасна за 6,7% на 81,29 долари по барел.

Покачувањата не се ограничени само на САД. Во Франција, особено во предградијата на Париз, беа забележани редови на бензинските пумпи, додека возачите брзаа да наполнат гориво поради страв од дополнителни поскапувања.

Експертите предупредуваат дека доколку тензиите продолжат, цените на горивата може дополнително да растат во наредните денови, со можни нови шокови на пазарите доколку се продлабочат прекините во снабдувањето.

Loading