Лидерот на Венко Филипче изјави дека очекува да се одржат предвремени парламентарни избори во Северна Македонија, оценувајќи дека актуелната власт ќе се соочи со сериозни политички и економски предизвици во наредниот период.
Во гостување во емисијата „Клик пулс“ на ТВ21, Филипче посочи дека и покрај изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека нема да има предвремени избори, политичката и економската ситуација во земјата ќе ја доведе владата во позиција да се соочи со избори порано од очекуваното.

Според него, состојбата со буџетот е сериозна и постои зголемен дефицит кој создава притисок врз исплатата на платите и пензиите, како и врз обврските кон државните фондови.
„Предвремени избори не само што ќе има, туку нема да знаат каде да избегаат претставниците на власта од проблемите во коишто ќе се најдат заради нивните погрешни политики. Толкава е дупката во буџетот што се доведува во прашање исплатата на пензиите и платите“, изјави Филипче.
Тој додаде дека Владата зема нови заеми со, како што рече, непознати услови и камати, што дополнително ја зголемува финансиската неизвесност во државата.

Филипче предупреди дека незадоволството кај граѓаните ќе расте, особено во услови на економски притисок и најавени протести од синдикатите, за кои смета дека Владата не презема доволно мерки за да ги спречи.
Говорејќи за безбедносната состојба во светот и кризата на Блискиот Исток, лидерот на Социјалдемократски сојуз на Македонија истакна дека токму ваквите глобални предизвици ја покажуваат важноста на одлуката Северна Македонија да стане членка на НАТО.
Според него, членството во Алијансата е резултат на тешки, но визионерски одлуки на претходната влада на СДСМ.
„Конечно е јасно во ситуација кога има кризи на повеќе места во светот што значеле државничките политики на СДСМ. Донесовме тешки одлуки, но станавме земја членка на НАТО, дел од најсилниот одбранбен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој се осврна и на, како што наведе, неисполнетите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и ветувањата за поништување на Преспански договор и враќање на старото име на државата.

„Граѓаните мора да знаат што е аргументирано и издржано, а што не е. Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со една лажна националистичка реторика“, рече тој.
Во однос на борбата против корупцијата, Филипче нагласи дека вистински резултати може да има само со суштински реформи во правосудниот систем и со поголема вклученост на европските институции.
Тој ја спомена и европската обвинителка Лаура Ковеши, посочувајќи дека европското обвинителство веќе води сериозни истраги против високи функционери во земјите членки на Европската Унија.
„Вистинска правда ќе има кога ќе има реформи во системот и кога европските правосудни институции ќе бидат присутни. Граѓаните сакаат да видат вистинска борба против корупцијата“, истакна Филипче.
![]()

