Цената на нафтата нагло порасна за околу 25 проценти и утрово достигна повеќе од 110 долари за барел, додека светските берзи забележаа значителен пад поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Израел против Иран. Стравувањата од долгорочно нарушување на снабдувањето преку Ормутскиот теснец предизвикаа силни турбуленции на енергетските пазари.
На азиските берзи суровата нафта Брент се искачи за речиси 24 проценти и достигна цена од 114,74 долари за барел, додека Нимекс – американската лесна сурова нафта – порасна за повеќе од 26 проценти и се тргуваше по цена од 114,78 долари.
Само минатата недела прогнозите беа дека нафтата би можела да достигне 100 долари за барел. Сепак, цената експлодираше за само неколку минути – прво со скок од 10 проценти, а потоа и дополнителни 10 проценти за околу 15 минути за време на тргувањето на азиските пазари.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку блокадата на Ормутскиот теснец продолжи до крајот на март, цената на нафтата би можела да достигне рекордни нивоа и да надмине 150 долари за барел.

Во меѓувреме, Иран го именуваше Моџтаба Хамнеи за наследник на врховниот лидер Али Хамнеи, што според аналитичарите е сигнал дека тврдокорната политичка струја и понатаму останува на чело на државата.
Во текот на викендот САД и Израел започнаа нови воздушни напади врз повеќе цели низ Иран, меѓу кои и нафтени складишта. Овие напади дополнително ја зголемија загриженоста за глобалното снабдување со енергија.
Ормутскиот теснец е клучна точка за светската трговија со нафта, бидејќи низ него се транспортира околу една петтина од глобалните количини. Сообраќајот низ овој тесен морски премин е речиси целосно запрен откако започна конфликтот пред една недела.
Зголемувањето на цената на нафтата може да предизвика раст и на цените на дериватите, вклучувајќи авионско гориво и суровини за производство на вештачки ѓубрива, што може да има директно влијание врз економијата и потрошувачите ширум светот.
Во исто време, се појавуваат и знаци дека азиските купувачи почнуваат да плаќаат повисоки цени за американски гас, додека некои танкери кои првично биле наменети за Европа ја менуваат својата рута и се пренасочуваат уште во средината на Атлантикот.
![]()

