ПЕНДАРОВСКИ: ПРИ ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА КОНФЛИКТОТ МОЖНИ МЕТИ СЕ КОСОВО – БОНДСТИЛ И ДРАЧ

Тој смета дека американско-израелскиот напад врз Иран ја покажал и слабоста на македонската дипломатија, која, според него, безрезервно ја поддржала американската администрација без поширока дипломатска проценка. „Тоа е поразителен факт“, нагласува поранешниот шеф на државата.

Поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, смета дека воениот напад на САД и Израел врз Иран претставува непотребна и лошо подготвена интервенција што дополнително го разнишува меѓународниот поредок и ја открива непредвидливоста на американската надворешна политика.

Во интервју за БИРН, Пендаровски оценува дека актуелната криза на Блискиот Исток е геополитички преседан, бидејќи, според него, за првпат во последните сто години САД ги заобиколуваат своите НАТО-партнери при носење клучни безбедносни одлуки. „Ние сега практично ја имаме најсилната држава на светот чие однесување не можеме да го предвидиме“, вели Пендаровски, коментирајќи ја надворешната политика на администрацијата на Доналд Трамп.

Тој смета дека американско-израелскиот напад врз Иран ја покажал и слабоста на македонската дипломатија, која, според него, безрезервно ја поддржала американската администрација без поширока дипломатска проценка. „Тоа е поразителен факт“, нагласува поранешниот шеф на државата.

И покрај ескалацијата на конфликтот, Пендаровски смирува дека Македонија не се соочува со непосредна воена закана. Според него, иранските ракети, дури и најдолгометните, не можат прецизно да достигнат цели на растојание поголемо од 2.000 километри. „Максимум, зависно од која точка во Иран би се лансирале, би можеле да стигнат во близина на Софија“, објаснува тој.

Сепак, доколку конфликтот се продлабочи, според меѓународни безбедносни анализи, можни цели би можеле да бидат американската база Бондстил во Косово, како и локација на јадранскиот брег во близина на Драч, каде што живеат околу 3.000 ирански опозиционери.

Пендаровски смета дека нападот врз Иран е пример за недоволно планирана воена интервенција. Како аргумент го наведува фактот што обидите за поттикнување незадоволство кај курдското малцинство во Иран се случиле дури по почетокот на нападите. Според него, тоа укажува дека операцијата немала јасно дефинирана стратегија, ниту прецизно утврдени цели.

„Во првите 24 часа од нападот, американските власти прво зборуваа за промена на режимот, а потоа за уништување на нуклеарните постројки. Тоа покажува недостиг од јасна стратегија“, оценува Пендаровски.

Поранешниот претседател остро ја критикува и позицијата на македонската влада, која, според него, премногу брзо ја поддржала американската акција, и тоа пред многу други држави од регионот. „Кога во рамките на една алијанса има различни ставови, малите држави не смеат да застанат само на едната страна. По дефиниција, тоа е ризично однесување“, вели Пендаровски.

Тој предупредува дека ваквиот пристап може да има последици и врз евроинтегративниот процес на земјата, имајќи предвид дека Македонија економски е силно зависна од европскиот пазар.

Пендаровски ја коментираше и идејата за евентуален брз влез на Македонија во Европската Унија без право на вето во почетната фаза – иницијатива за која во јавноста зборуваше премиерот Христијан Мицкоски. Според него, таквата идеја е политички и правно невозможна.

„Апсолутна небулоза. Такво нешто не може да се реализира без промена на фундаменталните договори на ЕУ, а за тоа мора да се согласат сите земји членки“, истакнува Пендаровски.

Тој додава дека ваквите предлози најчесто доаѓаат од земји кои би сакале да видат нови членки во Унијата без целосно исполнување на критериумите. „Тоа е детски начин на резонирање во политиката – и домашна, и меѓународна“, заклучува Пендаровски.

Loading