Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчески, кој 36 години бил дел од Министерството за внатрешни работи, во емисијата „Претрес со Ландов“ изнесе сериозни тврдења поврзани со враќањето на поранешниот висок функционер на Демократска унија за интеграција, Артан Груби.
Според Ѓурчески, враќањето на Груби во Македонија по повеќе од една година бегство може да значи дека тој е подготвен да соработува со институциите.
„Неговото враќање значи дека е подготвен да соработува. Не се зачудив што се врати. Тој е предмет на заштита на други странски служби. Дел од провизиите од Бехтел и Енка не стигнале на вистинското место“, изјави Ѓурчески.

Тој додава дека постојат сомнежи за криминал и дека не е случајно што експресно била разрешена поранешната амбасадорка на САД во Македонија, Кристина Агелер.
„Груби го вратија Американците и можно е да стане заштитен сведок. Не би бил загрозен ниту во притвор. Подготвен е да го предаде и Али Ахмети, да ја отвори душата и да се обиде да биде симнат од црната листа. Груби знае многу“, изјави Ѓурчески.
Тој додаде дека во наредниот период може да се очекуваат нови информации и можни политички последици доколку се потврдат овие тврдења.
![]()

