ТРЕНЧЕВСКА: – КОГА НЕ СИ НА ВЛАСТ, СЕКОЈА КРИЗА ИМА ЕДНОСТАВНО РЕШЕНИЕ?

Тренчевска откри „решение“ за кризата – идеи што чудно не ги примени кога беше на власт

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, повторно ја откри својата загриженост за животниот стандард на граѓаните. Во емисијата Топ тема на ТВ Телма таа говореше за растот на цените на бензинот, храната и основните производи, предупредувајќи дека граѓаните се соочуваат со нов бран поскапувања.

Според Тренчевска, бензинот расте, зејтинот веќе надминува 100 денари, а владата наводно нема решение. Но, решението што го нуди СДСМ е старо колку и опозициската политика – намалување на акцизите и ДДВ-то за горивата.

Иако звучи едноставно на телевизија, останува едно незгодно прашање: зошто ваквите „спасоносни“ мерки не ги видовме додека СДСМ беше на власт? Тогаш, очигледно, кризите беа глобални, комплицирани и не можеше така лесно да се решат со прес-конференција.

Тренчевска предложи намалување на акцизата за 4 денари и намалување на ДДВ-то на нафтените деривати од 18 на 5 проценти. Со други зборови – рецептот на секоја опозиција: кога не си одговорен за буџетот, економските решенија секогаш изгледаат едноставни и безболни.

Таа исто така саркастично забележа дека „џабе е што премиерот ги моли маркетите да не ги покачуваат цените“. Секако, затоа што според логиката на СДСМ, доволно е само политичка изјава и економијата магично ќе се стабилизира.

Во меѓувреме, јавноста добро се сеќава дека токму во периодот кога СДСМ ја водеше владата, инфлацијата и растот на цените беа секојдневна тема. Но тогаш објаснувањето беше едноставно – виновни се светските кризи. Денес, пак, виновна е исклучиво владата.

На крајот, останува впечатокот дека Тренчевска повеќе се обидува да освежи политичка реторика отколку да понуди реални решенија. Бидејќи во македонската политика, изгледа, најлесно е да се решаваат проблеми кога веќе не си тој што треба да ги решава.

А.А

Loading