Во македонската политика „Европа“ одамна стана најпопуларниот збор во партиските слогани. Додека едни се претставуваат како „Европски фронт“, други тргнуваат со „европски реформи, европски институции и европска Македонија“. Очигледно, во домашната политичка конкуренција Европа веќе не е само стратешка цел – туку и најсилниот маркетиншки бренд во предизборните и постизборните кампањи.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија одржа седница на Централниот одбор во проширен состав, на која присуствуваа претседателот на Градската организација, членовите на Пратеничката група, како и претседателите и секретарите на општинските организации.
На седницата беше усвоен Акцискиот план за оперативно делување за 2026 година, кој претставува стратешки документ што го означува следниот чекор во политичкото и организациското јакнење на движењето.
Според соопштението од ЗНАМ, акцискиот план предвидува низа активности насочени кон изградба на силна и модерна политичка организација. Во рамки на планот се предвидува формирање на Клуб на млади и Клуб на жени, воспоставување на Внатрепартиска академија – Институт за едукација, избор на регионални координатори и нивни заменици, како и формирање работни тела и комисии за креирање политики. Планирани се и регионални средби и посети на сите 53 општински организации, избори и формирање нови општински организации, организирање трибини и панел-дискусии низ државата, како и избор на меѓународен секретар.

Централниот одбор донесе и одлука во текот на второто тромесечие од годината, во пресрет на две години од формирањето на Владата, Движењето ЗНАМ да започне широка политичка и теренска кампања низ целата држава под слоганот „Европски реформи, европски институции, европска Македонија“.
Преку јавни трибини, средби со граѓани, посети на општини и тематски работилници, функционерите на ЗНАМ ќе ги презентираат резултатите, реформите и политиките реализирани во рамки на двегодишното делување во Владата.
„Движењето останува доследно на својата мисија да изгради силна, правна и стабилна Македонија, во која институциите работат во интерес на граѓаните, а државата со достоинство и јасен национален интерес чекори кон својата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија“, се наведува во соопштението.
![]()

