Цената на суровата нафта „Брент“ денеска нагло порасна и ја надмина границата од 118 долари за барел, како резултат на зголемената неизвесност на глобалниот пазар по нападите врз енергетските капацитети на Блискиот Исток.
Според берзанските податоци, во 10:30 часот цената достигна 118,76 долари за барел, што претставува раст од над 10 проценти во текот на денот.
Паралелно со растот на цената на нафтата, европските гасни фјучерси на амстердамската берза ТТФ забележаа драматичен скок од дури 35 проценти. Во споредба со периодот пред ескалацијата на конфликтот, цените на гасот се повеќе од двојно зголемени.
Енергетските пазари се под силен притисок поради ширењето на конфликтите во регионот на Персискиот Залив, кој претставува клучна зона за глобалното производство и извоз на енергенси. Стравувањата од долгорочни нарушувања во снабдувањето дополнително ги зголемуваат ценовните притисоци.

Особена загриженост предизвика нападот врз ЛНГ постројка во Катар, каде што е пријавена значителна материјална штета. Овој инцидент дополнително го загрозува глобалниот пазар на природен гас.
Во меѓувреме, цел на напади беа и енергетски објекти во Саудиска Арабија. Рафинеријата „Самреф“ во градот Јанбу, која е во заедничка сопственост на „Арамко“ и „Ексон Мобајл“, беше погодена со дрон. Саудиските власти информираа дека била пресретната и балистичка ракета насочена кон истото пристаниште.
Ова е првпат од почетокот на конфликтот да биде погоден објект на Црвеното Море, што дополнително ја усложнува логистиката на снабдување. Претходно, „Арамко“ го зголеми транспортот на сурова нафта од источните полиња кон западните терминали со цел да го одржи извозот кон Европа, каде овие рафинерии имаат клучна улога во снабдувањето со дизел.
Експертите предупредуваат дека доколку ескалацијата продолжи, можно е дополнително зголемување на цените на енергенсите и нови шокови на глобалните пазари.
![]()

