Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека во моментов не постојат услови за зголемување на платите во судството и обвинителството, нагласувајќи дека фокусот ќе биде ставен на подобрување на ресурсите и работните услови.
Изјавата доаѓа откако новоименуваниот државен јавен обвинител Ненад Савески побара зголемување на буџетот за обвинителството, со цел поефикасно функционирање на институцијата.
„Во делот на платите во овој момент не гледам простор за интервенција. Но, кога станува збор за ресурси, опрема и услови за работа, тука има можност за разговор и подобрување, како во обвинителството, така и во судовите“, изјави Мицкоски по владината седница.

Тој информираше дека Владата веќе одобрила план за нови вработувања во судовите, кој предвидува ангажирање на околу 200 лица. Станува збор претежно за судски соработници и административен кадар, со цел зајакнување на капацитетите на правосудниот систем.
Според премиерот, иницијативата за новите вработувања потекнува од самите институции, кои ја изработиле потребната систематизација. По нивно доставување, планот бил одобрен, а средствата за реализација се обезбедени преку Министерството за финансии.
![]()

