Советот на јавни обвинители на својата 40-та седница донесе одлука за избор на четворица јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), иако конкурсот предвидуваше пополнување на пет позиции.
За нови обвинители се избрани Александар Маркоски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитриовска, кои доаѓаат од Основното јавно обвинителство Скопје, како и Енѓелуше Кадриу-Леши, кандидат од немнозинските заедници, на која ова ќе ѝ биде трет мандат во ОЈО ГОКК.
Претседателот на Советот, Башким Селими, информираше дека на огласот се пријавиле осум кандидати, но двајца – Трајче Пеливанов и Артан Ајро – ги повлекле своите кандидатури пред одлучувањето.
По разгледување на сите пријави, Советот не им даде поддршка на Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска и Ивана Трајчева. Особено внимание привлече фактот што Ѓоргева не доби ниту еден глас, додека Бислимовска доби само еден.

Ивана Трајчева, која е позната по водењето на предмет поврзан со полициски службеници, исто така не успеа да обезбеди доволна поддршка од членовите на Советот.
Во текот на седницата, дел од членовите го нагласија значењето на отворање простор за нови кадри. Членката Светлана Стојковиќ посочи дека повеќе кандидати веќе имаат долгогодишно искуство во ОЈО ГОКК и дека е потребно да се овозможи ротација и нова енергија во институцијата.
Таа истакна дека предложеното законско решение, со кое мандатот се продолжува на седум години, е доволно за да се даде придонес, но и да се спречи прекумерна концентрација на влијание.
Сличен став изрази и членката Кети Петкова, која нагласи дека ќе ги поддржи кандидатите кои досега не работеле во ОЈО ГОКК, но и кандидатот од немнозинските заедници, со цел да се задржи балансот во застапеноста.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески појасни дека не бил дел од интервју процесот, но ги анализирал материјалите за сите кандидати. Тој истакна дека има позитивно мислење за сите пријавени, но сепак ќе им даде предност на обвинителите кои доаѓаат надвор од ОЈО ГОКК.
„Потребно е да им се даде шанса на нови кадри да се докажат и да напредуваат. Загрижува фактот што за пет позиции имаше само осум кандидати“, изјави Савески.
И покрај донесената одлука, Советот не успеа да избере раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје, по претходното повлекување на досегашниот шеф Мустафа Хајрулахи.
![]()

