Трамп со критики до Европа: „Ако Иран не е ваша војна, тогаш ни Украина не беше наша“
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати остри пораки до европските сојузници, особено кон германскиот канцелар Фридрих Мерц, по нивната одлука да не се вклучат во евентуална воена мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец.
Во обраќање на инвестициски форум во Мајами, Трамп отворено ја доведе во прашање досегашната рамнотежа во трансатлантските односи, посочувајќи дека Европа применува двојни стандарди кога станува збор за глобалните конфликти.
„Ако ова не е ваша војна, тогаш ни војната во Украина не беше наша – но ние сепак помогнавме“, изјави Трамп, директно алудирајќи на ставовите од Берлин.

Тензии поради кризата во Ормускиот Теснец
Изјавите доаѓаат во момент кога ситуацијата на Блискиот Исток се влошува, поради блокадата на Ормускиот Теснец од страна на Иран – клучна рута низ која минува значителен дел од светската трговија со нафта и гас. Овој потег веќе предизвика нагло зголемување на цените на енергенсите на глобалните пазари.
Европските лидери, вклучително и оние од Германија, Велика Британија и Франција, јасно ставија до знаење дека не сакаат да бидат вовлечени во конфликт кој не го иницирале. Од Берлин беше потенцирано дека оваа криза не е поврзана со мандатот на НАТО, кој според нив е исклучиво одбранбен.

Трамп го отвора прашањето за НАТО
Трамп, сепак, отиде чекор подалеку и ја доведе во прашање улогата на САД во рамките на НАТО, нагласувајќи дека американската поддршка не треба да се подразбира доколку сојузниците не покажуваат реципроцитет.
„Секогаш сме биле покрај нив. Но, ако тие не се подготвени да стојат покрај нас, можеби веќе нема потреба од тоа“, порача Трамп.
Овие изјави дополнително ги продлабочуваат несогласувањата меѓу Вашингтон и европските престолнини, во период кога глобалната безбедност е сериозно разнишана.
![]()

