Премиерот Христијан Мицкоски испрати јасна порака дека Владата нема да прифати уставни измени доколку тие се условени без прецизно дефиниран крај на процесот и без заштита на националните интереси.
Во контекст на евроинтеграциите и барањата на Европска Унија, кои предвидуваат внесување на Бугарите во Уставот како дел од преговарачката рамка, Мицкоски нагласи дека државата нема да влезе во процес „по секоја цена“.
Според него, не може да се прифати едностран услов без паралелно решавање на други отворени прашања, особено оние што се однесуваат на правата на македонската заедница во Бугарија.

„Доколку ова е единствениот услов, а сите други критериуми ги исполнуваме – тогаш нема простор за договор без дополнителни гаранции“, истакна премиерот.
Тој подвлече дека е неопходно да има јасни и формални заклучоци од Европскиот совет кои ќе ја дефинираат крајната цел на процесот, наместо, како што рече, неизвесност што може да ја доведе државата во нова политичка криза.
Во своето обраќање, Мицкоски направи и споредба со историски процеси во регионот, потенцирајќи дека некои одлуки барале долг временски период, и дека Македонија е подготвена да почека доколку условите не се фер и предвидливи.
Тој порача дека приоритет на Владата остануваат реформите и задржување на позицијата меѓу водечките кандидати за членство во Унијата, но без компромиси кои би можеле да ја нарушат националната стабилност и идентитет.
![]()

