ГОЛЕМ РЕСЕТ ВО ДУИ – КОЈ ЈА ПРЕЗЕМА КОНТРОЛАТА?

Потпретседателот на Демократска унија за интеграција, Аријанит Хоџа, оценува дека партијата претрпела суштинска реформа по последниот конгрес, нагласувајќи дека дури 80 проценти од раководната структура е обновена.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на Македонска радио телевизија, Хоџа истакна дека ваквиот степен на промени е редок пример во политиката, особено за партија со повеќедецениско постоење.

Според него, политичките процеси се динамични и често непредвидливи, а промените во сојузништвата во изминатите години довеле до нарушување на дотогашните баланси на политичката сцена. Токму тие околности, како што посочи, биле дел од причините за неговото приклучување кон ДУИ.

Хоџа нагласи дека по две години во рамки на Европскиот фронт, резултатите од последниот конгрес покажале значајна кадровска обнова, при што во партијата се вклучени нови лица без да се наруши нејзиното функционирање.

„ДУИ денес има нова енергија и обновено раководство, што ја позиционира како реформирана политичка структура со стабилна организација“, изјави тој.

Во осврт на политичките конкуренти, Хоџа тврди дека дел од кадрите кои претходно биле поврзувани со проблеми во рамки на ДУИ, сега се активни во други политички блокови, алудирајќи на коалицијата ВЛЕН.

Во однос на лидерот Али Ахмети, тој истакна дека одговорноста за политичките одлуки треба да се разгледува индивидуално, а не колективно, додавајќи дека фокусот треба да биде на актуелните политики и новите кадровски решенија.

Хоџа се осврна и на односите со поранешниот висок функционер Артан Груби, признавајќи дека имале политички несогласувања, но дека институционалната соработка секогаш се одвивала професионално.

Тој ја отфрли можноста за каков било договор поврзан со случајот на Груби, нагласувајќи дека процесот треба да се остави на правосудните институции и дека јавните пресуди се несоодветни додека постапката е во тек.

„Не постои страв во ДУИ дека некој може да биде компромитиран. Обвинувањата што се пласираат се политички конструкции со цел да се оттурне вниманието од реалните проблеми“, оцени Хоџа.

Loading