ФИЛИПЧЕ СЕ „ГОРДЕЕ“ СО ОБВИНУВАЊА, А ГРАЃАНИТЕ ЧЕКААТ ОДГОВОРИ

Во време кога граѓаните веќе се навикнати на крупни обвинувања и милионски суми што се споменуваат во политичките настапи, најновата изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не помина незабележано. Овој пат, на маса е бројката од 100 милиони евра – сума што, според него, завршила во сомнителни тендерски постапки.

Говорејќи во централниот Дневник на МТВ, Филипче изјави дека Антикорупцискиот тим на партијата во изминатите месеци работел интензивно и открил серија, како што ги нарече, „местени и скандалозни тендери“.

Според неговите тврдења, анализите покажале дека значителни средства од јавни набавки биле насочени кон лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, при што вкупната сума достигнува околу 100 милиони евра за период пократок од половина мандат.

„Станува збор за сериозни индикации за злоупотреби во јавните набавки. Ова се средства кои, според нашите сознанија, завршиле кај функционери или нивни блиски“, посочи Филипче.

Тој нагласи дека партијата ќе продолжи со објавување на ваквите случаи, со цел, како што рече, да се разобличат сите потенцијални неправилности и да се зголеми јавната отчетност.

Во истото интервју, Филипче се осврна и на состојбите во партијата, истакнувајќи дека СДСМ работи на реорганизација и зајакнување на своите структури, како и на подготовка на нова програмска рамка во која антикорупциските политики ќе имаат значајно место.

Засега нема официјална реакција од страна на ВМРО-ДПМНЕ во однос на изнесените обвинувања.

Loading