Поранешниот претседател Стево Пендаровски упати сериозна и директна порака до раководството на СДСМ, посочувајќи дека партијата се наоѓа во критична фаза од својот политички развој.
Во својата изјава, Пендаровски нагласува дека актуелната состојба на политичката сцена открива јасен парадокс – иако владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ бележи пад на поддршката, опозицијата не успева да го искористи незадоволството кај граѓаните.
Според него, проблемот не лежи само во комуникацијата, туку во суштинските политики, стратегијата и кадровската поставеност на партијата. Пендаровски смета дека СДСМ мора или да направи суштинска промена во пристапот и политичката стратегија, или да отвори простор за нови кадри кои ќе имаат капацитет да допрат до поширок круг на гласачи.

„Доколку не се направат вакви промени, постои сериозен ризик партијата да продолжи со падот на поддршката и да се соочи со уште послаб изборен резултат“, предупредува Пендаровски.
Тој додава дека во вакви околности не може да се исклучи сценарио во кое СДСМ ќе стане политички маргинална, па дури и да се сведе на ниво на статистичка грешка.
Овие ставови имаат дополнителна тежина со оглед на тоа што доаѓаат од поранешен шеф на државата и долгогодишен член на партијата, што укажува дека потребата за промени е препознаена и одвнатре, а не само како критика од политичките противници.
![]()

