Јавното обвинителство со став дека постапува исклучиво врз основа на докази, а не на јавни повици, откако вицепремиерот Александар Николоски побара институциите да го испитаат потеклото на средствата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Од Обвинителството посочуваат дека нивната работа се води според законските надлежности и дека постапки се отвораат врз основа на конкретни докази или по допрен глас, но не и како резултат на политички или јавни повици.
„Доколку се обезбедат релевантни докази што упатуваат на сторено кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите овластувања“, велат од институцијата.
Изјавата доаѓа по настапот на Николоски во емисијата „Топ тема“, каде што тој го отвори прашањето за изградбата на хотелски комплекс во населбата Горица во Охрид. Според него, иако објектот ги поседува сите потребни дозволи и не отстапува од урбанистичките правила, останува дилемата околу потеклото на финансиските средства.

Тој посочи дека инвеститорот, компанијата „Дивелоп груп“, во која удел има фирма поврзана со семејството Мијалкови, можеби ја користи инвестицијата како начин за легализација на средства.
„Не е спорно дали градат согласно план, туку како се стекнати тие средства. Тоа е суштинското прашање“, нагласи Николоски, алудирајќи и на улогата на поранешната обвинителка Вилма Русковска.
Според податоците објавени во медиумите, земјиштето за хотелот било купено на јавно наддавање во 2011 година од државата, додека фирмата поврзана со семејството Мијалков станала сопственик на дел од компанијата во 2018 година, откако веќе не бил на јавна функција.
Инаку, Мијалков во 2022 година призна вина во предметот „Империја“ и доби затворска казна од три години за перење пари, при што му беше конфискуван имот вреден околу 36 милиони евра.
![]()

