КОНСОЛИДИРАЊЕ НА СОЈУЗНИШТВОТО: МУЦУНСКИ ВО ВАШИНГТОН СО ЈАСНА ДИПЛОМАТСКА АГЕНДА

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, престојува во работна посета на САД, каде ја предводи високата владина делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји. Средбата во Вашингтон се оценува како важен чекор кон продлабочување на билатералната соработка и зацврстување на партнерството.

Според информациите од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, разговорите се фокусирани на клучни области како одбраната, безбедноста, економскиот развој и енергетиката. Посебен акцент се става и на современи предизвици како сајбер-безбедноста, технолошките иновации и заедничкиот пристап кон справување со транснационалните закани.

Во официјалните ставови се нагласува дека овој дијалог претставува значајна платформа за унапредување на соработката и потврда на стабилното сојузништво меѓу двете држави, со јасна ориентација кон регионална безбедност и просперитет.

Муцунски, кој важи за еден од најенергичните и визионерски дипломати во поновата македонска политика, претходно истакна дека Македонија е првата европска земја што во рамки на актуелната американска администрација одржува ваква сесија во Вашингтон. Тој изрази очекување дека дијалогот ќе резултира со конкретни економски придобивки и нови можности за граѓаните и бизнис-заедницата.

Со оваа посета, Македонија испраќа јасна порака за својата активна надворешна политика и посветеност кон градење стабилни и долгорочни партнерства на меѓународната сцена.

Loading