ЗАКАНА ЗА Никола Груевски? МАЃАР НАЈАВУВА ЕКСТРАДИЦИИ ПО ИЗБОРНАТА ПОБЕДА

По вчерашната убедлива победа на изборите, унгарскиот политичар Петер Маѓар најави дека неговата влада ќе започне со конкретни чекори уште од првиот ден на преземањето на функцијата, ставајќи акцент на владеењето на правото и меѓународната соработка.

Во првите изјави по победата, Маѓар истакна дека Унгарија повеќе нема да биде засолниште за политичари кои се барани од правосудните органи во други земји. Тој најави итна екстрадиција на поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и неговиот поранешен заменик Марчин Романовски, кои во моментов се засолнети во земјата со поддршка на владата на Виктор Орбан.

Според Маѓар, ваквата практика мора да заврши, бидејќи, како што нагласи, „Унгарија треба да биде партнер во правдата, а не прибежиште од неа“.

Иако Маѓар директно не го спомена Никола Груевски, неговата изјава се толкува како потенцијален сигнал дека новата политика би можела да се однесува на сите случаи на политички азил со правни импликации. Груевски, кој со години е во Унгарија под заштита на актуелната власт, често се посочува како еден од најконтроверзните примери. Доколку најавените мерки се применат доследно, не се исклучува можноста и неговиот статус да биде преиспитан.

Оваа најава веќе предизвика силни реакции во регионот и ја отвори дебатата за иднината на политичките азили, особено во случаи кои имаат и правна и политичка димензија.

https://x.com/Propeertys/status/2043421086793003170?s=20

Loading