Пратеничката во Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа остро ги критикуваше ставовите на лидерот на опозициската СДС, Венко Филипче, во однос на уставните измени.
Според Стојаноска, Филипче настапува „гласно и на домашна и на меѓународна сцена“, воден исклучиво од амбицијата да дојде на власт. Таа го оцени како трет лидер во континуитет, по Зоран Заев и Димитар Ковачевски, кој е подготвен да направи сѐ за политичка моќ.
„Тоа е лик којшто буквално се ‘подава’, велејќи дека нема проблем да направи уште една уставна измена, нешто што го правеше и неговиот претходник Заев“, изјави Стојаноска.
Таа додаде дека ваквиот пристап, според неа, претставува продолжување на истата политичка матрица, каде што, како што рече, лидерите на СДС биле подготвени на компромиси „само за да дојдат на власт“, а воедно отвори и прашање дали таквото однесување е обид за избегнување одговорност.
Во своето излагање, Стојаноска истакна дека на СДС повеќе не им одговара тоа што, според неа, немаат влијание во правосудниот систем.
„Тие знаат дека се менуваат работите во судството и дека веќе ги нема нивните инсталирани луѓе кои работеа по нивни налози“, рече таа, обвинувајќи дека претходната власт била поврзана со криминал.
Стојаноска оцени дека Филипче не ја разбрал пораката од граѓаните, и покрај два последователни изборни порази на СДС.
„Два пати по ред добива порака од народот, а повторно го потценува мислењето на сопствениот народ“, истакна таа, додавајќи дека, според неа, приоритетите на опозицискиот лидер не се во согласност со очекувањата на граѓаните.
![]()

