ПРВА ПРЕСУДА ЗА ИПАРД-АФЕРАТА И 2.000 ЕВРА ПОТКУП – ЌЕ ПАДНАТ ЛИ „ГОЛЕМИТЕ РИБИ“ ЗА МИЛИОНСКАТА ШТЕТА?

Со првата изречена пресуда во случајот со злоупотребата на ИПАРД-фондовите, јавноста повторно се соочува со старото прашање – дали државата конечно започнува сериозна пресметка со корупцијата или станува збор за контролирана акција во која ќе одговараат само пониските ешалони, додека главните центри на моќ ќе останат недопирливи?

Брзината со која беше завршена постапката за една од обвинетите отвори сомнежи и дебати во јавноста. Дел од аналитичарите сметаат дека институциите сакаат да испратат порака до Брисел дека има резултати во борбата против злоупотребата на европските фондови, особено по блокадата на милионските средства од Европската комисија. Други, пак, предупредуваат дека ова може да остане изолиран случај, без вистинско продлабочување кон оние што стојат зад целиот механизам.

Соработничката во Министерството за земјоделство, Јасмина Костадинова, доби затворска казна од десет месеци откако пред судот призна вина за примање поткуп во предметот поврзан со незаконско влијание и злоупотреба на ИПАРД-програмите.

Таа е првата од вкупно деветтемина обвинети против кои се води постапка. Според обвинението, Костадинова примила 2.000 евра за да помогне фирма која не ги исполнувала условите да добие средства од европските фондови.

Судот одлучи целосно да ги конфискува 8.000 евра пронајдени при претресот во нејзиниот дом, иако обвинетата побарала да ѝ бидат вратени 6.000 евра, тврдејќи дека не биле поврзани со делото. Во изречената казна ќе биде пресметан и периодот што таа го поминала во куќен притвор од ноември минатата година.

Судијката Ленка Давиткова во образложението посочи дека обвинетата ја искористила својата позиција и познавањето на административните процедури за да овозможи заобиколување на законските критериуми, со што, како што наведе, бил нарушен интегритетот на институциите.

Нејзиниот адвокат Звонко Давидовиќ изјави дека одбраната ќе ја почека писмената пресуда пред да донесе одлука дали ќе поднесе жалба. Тој нагласи дека признанието на вината било значајна околност што влијаела врз висината на казната.

Од Обвинителството, пак, потенцираа дека пресудата сè уште не е правосилна. Обвинителката Наташа Поп Трајкова потсети дека за ваквото кривично дело законот предвидува казна затвор од една до десет години.

Судењето за останатите осум обвинети продолжува на 11 мај, а меѓу нив се и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев, како и Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и локална самоуправа.

Според истрагата, Насуфи како управител на фирмата „Сигнас-агро“ од Велешта наводно посредувал во давање поткуп за обезбедување одобрување на проект финансиран преку ИПАРД 3 програмата. Во обвинението се наведува дека биле договарани десетици илјади евра за влијание врз процесот на одлучување, а полицијата го привела Стоилев при примопредавање на дел од парите.

Случајот предизвика сериозни последици и на меѓународен план. По отворањето на истрагата, Европската комисија ја стопираше исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД-програмата наменети за државата. Дури неодамна средствата беа повторно одблокирани, што институциите го претставија како знак за обновена доверба.

Сепак, останува прашањето дали оваа пресуда е само симболичен потег за смирување на јавноста и европските партнери, или навистина е почеток на поширока истрага што ќе стигне до сите инволвирани во мрежата на злоупотреби со европските пари.

Loading