По политичките реакции и обвинувањата поврзани со прекинот на истрагата за набавката на мазут во време на енергетската криза, претседателот на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, вчера јавно ги отфрли сите тврдења дека имал било какво влијание врз одлуката на обвинителите.
Абази порача дека никогаш не вршел притисок врз обвинители и дека нивната самостојност не била загрозена од негова страна. Според него, одлуките во обвинителството се носат врз основа на докази и законски процедури, а не под политички или лични влијанија.
„Ниту како обвинител, ниту како виш јавен обвинител, на никого не сум му сугерирал како да постапува, ниту сум влијаел врз самостојноста на обвинителите“, изјави Абази.

Во исто време, државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека со одлуката за прекин на постапката бил запознаен дури откако таа веќе била донесена. Тој посочи дека предметот не бил претходно рефериран пред Јавното обвинителство и не најави дополнителни проверки во оваа фаза.
Реакциите следуваа откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, обвини дека Абази имал улога во запирањето на истрагата за спорните набавки на мазут.
Обвинителството вчера официјално соопшти дека истрагата е прекината поради недостиг на доволно докази за понатамошно кривично гонење. Со тоа, засега се става точка на еден од поекспонираните случаи поврзани со набавките во периодот на енергетската криза.
![]()

