РЕВИЗОРСКИ АЛАРМ И МОЛК ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО: КОЈ ЗАМИЖА ЗА ТЕЦ НЕГОТИНО?

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше по одлуката за запирање на истрагата поврзана со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, оценувајќи дека станува збор за случај со сериозни сомнежи за криминал и корупција вреден стотици милиони евра.

Од партијата обвинуваат дека Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, предводено од Ислам Абази, како и обвинителката Катерина Коларевиќ, не постапиле согласно наодите и извештаите на релевантните институции.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Државниот завод за ревизија уште во 2024 година констатирал неправилности во процесот на набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Во ревизорскиот извештај било наведено дека мазутот бил испорачуван од различен добавувач од оној предвиден во договорот склучен меѓу ЕСМ, ТЕЦ Неготино и избраниот оператор.

Дополнително, од партијата тврдат дека стручни служби во ЕСМ утврдиле слаб квалитет на мазутот, со присуство на нечистотии кои предизвикувале дефекти во мазутната станица на електраната.

„И покрај сериозните забелешки и проблемите со квалитетот, бил потпишан анекс со кој вредноста на договорот достигнала 167 милиони евра“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата смета дека постоеле доволно индиции и документација за да продолжи истрагата, но, како што тврдат, обвинителите не ги земале предвид ревизорските извештаи и другите докази.

Во соопштението се посочува дека случајот отвора сомнежи за можна заштита на лица блиски до поранешни функционери и структури поврзани со СДСМ и ДУИ. Притоа се споменуваат повеќе имиња на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени кои, според партијата, треба да бидат предмет на детална истрага.

ВМРО-ДПМНЕ го повика Советот на јавни обвинители да го преиспита постапувањето на обвинителите Абази и Коларевиќ и да утврди дали во случајот имало пропусти или намерно игнорирање на докази.

Од партијата оценуваат дека јавноста има право да ја дознае целосната вистина за случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, кој, според нив, претставува еден од најголемите енергетски скандали во државата во последните години.

Loading