„МУ КАЖАВ ДЕКА НЕ Е ДОБАР ПОТЕГ“: ПЕНДАРОВСКИ ОТКРИ ДЕКА ГО ПРЕДУПРЕДИЛ ФИЛИПЧЕ ПРЕД ИЗБОРИТЕ

Поранешниот претседател Стево Пендаровски откри дека пред минатогодишните локални избори лично го предупредил лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека отворањето на темата за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот не е добар политички потег. Според Пендаровски, ваквите прашања ѝ носат политичка корист на власта, а не на опозицијата.

Стево Пендаровски смета дека постојаното инсистирање на темата за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот не носи политички придобивки за опозицијата, туку ѝ овозможува на власта дополнително да профитира од ова прашање.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ, Пендаровски истакна дека иако СДСМ има јасен и конзистентен став за европските интеграции и уставните измени, во практичната политика треба да се форсираат теми кои носат поддршка кај граѓаните.

„Во политиката добро е да имаш став и да не го менуваш. Но правило број еден е да ги форсираш прашањата што ти носат поени, а не оние на кои губиш“, изјави Пендаровски.

Тој откри дека и претходно му укажал на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека отворањето на темата за уставните измени непосредно пред локалните избори не е добар политички потег, бидејќи владејачката партија лесно ја користи во своја полза.

Според Пендаровски, поради долгогодишната политичка кампања околу ова прашање, значителен дел од јавноста го доживува како закана за националниот идентитет, што ја прави темата политички неповолна за опозицијата.

Наместо тоа, тој смета дека опозициските партии треба да се насочат кон прашања кои директно ги засегаат граѓаните и каде што власта е најранлива.

„Поени носат криминалот, корупцијата, аферите, некапацитетноста на кадрите, економијата и животниот стандард. Тоа се теми што граѓаните ги чувствуваат секој ден“, нагласи Пендаровски.

Поранешниот претседател оцени дека токму на овие полиња опозицијата може поуспешно да ја гради својата политичка понуда и да ја врати довербата кај гласачите.

Loading