ПРЕСУДАТА ЈА НЕМА, УПАТНИОТ АКТ Е ТУКА: ДАЛИ ЈАКИМОВСКИ Е ВТУРНАТ ВО СУДСКА СТАПИЦА?

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изјави дека го добил упатниот акт за издржување на затворската казна, но дека сè уште не му била доставена пресудата на Апелациониот суд. Според него, ваквиот потег не е случаен, туку има цел да се пролонгира постапката за поднесување правен лек пред Врховниот суд.

Јакимовски треба да се јави на издржување казна затвор на 2 јули годинава во Затворот Скопје. Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд Скопје му издал упатен акт откако Апелациониот суд ја потврди едногодишната затворска казна за предмет поврзан со бесправно градење. Од вкупната казна, пет месеци веќе му се засметуваат како издржани во куќен притвор, што значи дека во затвор треба да помине уште седум месеци.

На прес-конференција, Јакимовски оцени дека е крајно невообичаено најпрво да му биде доставен упатниот акт, а не и самата пресуда врз основа на која треба да ги користи понатамошните правни механизми.

„Упатниот акт го добив, но пресудата сè уште не ми е доставена. Тоа е некоректно и невообичаено, бидејќи роковите за понатамошна постапка течат од моментот кога осудениот ќе ја добие пресудата“, рече Јакимовски.

Тој обвини дека со ваквиот редослед на постапување се прави обид да се одложи поднесувањето барање за вонредно преиспитување на одлуката на Апелациониот суд пред Врховниот суд. Според него, секое одложување може да влијае врз динамиката со која предметот би бил земен во работа.

Јакимовски тврди дека случајот има политичка заднина и дека станува збор за преседан. Како што рече, е осуден за поставување привремен објект кој, според неговите тврдења, со години служел на граѓаните на Карпош и ѝ донел финансиска корист на општината.

„Јавноста треба да знае дека ова е единствен случај во кој некој оди на ефективна затворска казна за ваков тип предмет. Од стотици илјади дивоградби во државата, токму овој случај завршува со затвор“, изјави Јакимовски.

Тој го повика Врховниот суд внимателно и навремено да го разгледа предметот, наведувајќи дека очекува барем највисоката судска инстанца да покаже отпорност на, како што рече, политички притисоци.

На новинарско прашање дали би се кандидирал повторно доколку има избори во Општина Карпош, Јакимовски одговори дека тоа не би било можно доколку остане во сила правосилната пресуда донесена од Апелациониот суд.

Loading