СЕЛЕКТИВНАТА ГЛУВОСТ НА СОФИЈА: Го слуша секој шепот на „омраза“, но не и 10.000 аплаузи

ДЕСЕТ ИЛЈАДИ СВЕДОЦИ ПРОТИВ НАРАТИВОТ ЗА „АНТИБУГАРСКА МАКЕДОНИЈА“

Кога некаде во Македонија ќе се појави навредлив коментар на социјалните мрежи, бугарскиот медиумско-политички апарат се активира со брзина на национална тревога. Следуваат драматични наслови, телевизиски анализи, политички изјави, дипломатски реакции и повици Брисел веднаш да ја казни Македонија. Еден коментар станува став на цел народ. Еден поединец се претвора во доказ за „системска омраза“. Еден непроверен или изваден од контекст случај се надградува во обвинителен акт против цела држава.

Но кога повеќе од 10.000 Македонци со овации ќе пречекаат еден од најпознатите бугарски изведувачи, истиот апарат одеднаш останува без слух, без вид и без интерес.

Десет илјади луѓе не се маргинална група. Тие се многу посилен показател за расположението на едно општество од неколку анонимни профили, партиски активисти или професионални произведувачи на меѓунационални конфликти.

Македонската публика не одржа говор за европски вредности. Таа ги покажа. Без декларации, без протоколи, без условувања и без закани со вето.

Токму тоа се случи на 2 август во Охрид.

На денот кога Македонија го славеше Илинден, на стадионот „Билјанини Извори“ пред повеќе од 10.000 луѓе настапи бугарскиот рапер Криско. Не во затворен клуб, не пред стотина поканети гости и не на настан организиран за политичка промоција на добрососедството.

Пред полн стадион. Пред македонска публика. На македонски државен празник. И што се случи? Немаше свирежи. Немаше навреди. Немаше недолични извици. Немаше ниту еден инцидент што следното утро би можел да биде спакуван како нов доказ за „антибугарската Македонија“. Наместо свирежи – овации. Наместо навреди – аплаузи. Наместо говор на омраза – десет илјади гласови кои заедно со Криско ја пееја „Македонско девојче“.

Но таа слика не стана ударна вест во Бугарија.

Не видовме наслови: „Бугарска ѕвезда пречекана со овации во Македонија“. Не видовме телевизиски дебати за тоа како Македонците покажаа европска култура и почит кон еден бугарски гостин. Не видовме бугарски политичар кој ќе излезе и ќе каже дека десет илјади луѓе во Охрид покажале дека меѓу народите постои многу повеќе човечка блискост отколку што им одговара на политичките центри на конфликтот. Информацијата остана таму каде што не може да го наруши внимателно граденото досие против Македонија – во маргините на шоу- бизнисот.

Да замислиме само дека се случеше спротивното.

Да замислиме дека Криско беше исвиркан од дел од публиката. До утрото ќе знаеше цела Бугарија. До пладне ќе реагираше бугарското Министерство за надворешни работи. До вечерта некој европратеник ќе бараше нова резолуција, а веќе следниот ден инцидентот ќе беше претставен во Брисел како доказ дека Македонија „не е подготвена за европското семејство“.

Но десет илјади аплаузи?

Тие немаат политичка употребна вредност. Со нив не може да се условува, блокира или уценува Македонија. Од нив не може да се произведе дипломатски скандал. Затоа се третираат како да не постоеле.

Во тоа е суштината на бугарската медиумска селективност.

Негативниот исклучок се прогласува за македонско правило, а позитивниот масовен настан се сведува на небитна случајност. Еден навредлив профил на социјалните мрежи станува „лицето на Македонија“, но десет илјади достоинствени граѓани не се доволни да ја променат однапред напишаната приказна.

Тоа не е информирање. Тоа е политичко монтирање на реалноста.

Никој разумен не тврди дека во Македонија никогаш немало навреда кон Бугарин. Секој реален случај на омраза треба да биде истражен и осуден. Но помеѓу осуда на конкретен инцидент и прогласување цел народ за виновен постои огромна разлика.

Таа разлика бугарскиот политички наратив упорно ја брише.

Во Бугарија со години се пласира тезата дека омразата кон Бугарите во Македонија е државна политика, општествена норма и речиси вродена карактеристика на Македонците. Бугарски европратеници отворено тврдат дека Македонија нема место во Европската Унија додека не ја прекине наводната омраза кон Бугарите, а таквите изјави добиваат широк простор во бугарските медиуми.

Ова веќе не е дилема, туку разобличување. Наративот за „антибугарска Македонија“ не се темели на факти – тој се произведува со нивно селективно криење и извртување. Кога намерно се премолчуваат 10.000 аплаузи, а еден анонимен коментар се прогласува за државна политика, тоа не е новинарство – тоа е пропаганда. Вистината не им одговара, затоа што без измислената омраза паѓа и оправдувањето за притисоците, условувањата и ветото.

Софија добро ги слушна десетте илјади аплаузи од Охрид.

Само реши да не ги пренесе доволно гласно за да не чуе Брисел!

Loading