На 23 август ќе се навршат шест месеци откако Артан Груби повторно се појави во Македонија, по повеќе од една година бегство. Шест месеци во кои календарот работеше без грешка, куќниот притвор си течеше, а Обвинителството сè уште не кажува дали еден од клучните осомничени во афера тешка осум милиони евра воопшто бил сослушан.
Не станува збор за лице кое полицијата допрва треба да го пронајде. Груби е дома. Под надзор. Достапен за органите на прогонот. Но, дали бил повикан на распит, останува мистерија што очигледно е посложена и од самата истрага за „Лотарија“.
Од Обвинителството не одговараат директно. Велат дека јавниот обвинител постапува водејќи сметка за законските рокови и определените мерки, а јавноста ќе биде известена по донесувањето на јавнообвинителската одлука.
Преведено од институционален на разбирлив јазик: постапуваме, но не кажуваме што; роковите ги следиме, но не откриваме до каде сме; одлука ќе има, но не прашувајте кога.
Малку недостига Обвинителството да нè извести и дека предметот се наоѓа во папка, папката во канцеларија, а канцеларијата – во зградата на Обвинителството.

Законот предвидува шестмесечен рок за завршување на истрагата, иако тој може да биде продолжен поради сложеноста на предметот. Но, приближувањето на 23 август неизбежно го отвора прашањето за натамошната судбина на куќниот притвор. Ако дотогаш нема обвинение, Обвинителството ќе мора многу појасно да објасни зошто е потребно продолжување или определување друга мерка.
Во спротивно, куќниот притвор може да се покаже не како мерка за обезбедување присуство, туку како удобна чекалница пред враќањето на слобода.
Груби беше уапсен на граничниот премин Блаце по повеќе од една година бегство. Потоа му беше определен куќен притвор. Државата, значи, прво не можеше да го најде повеќе од една година, а кога конечно го најде, сега не сака да каже дали успеала и да го сослуша.
Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба во случајот поврзан со Државна лотарија. Во предметот е опфатен и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на набавки на ВЛТ-апарати и на сомнежи за финансиска штета од околу 500 милиони денари, односно повеќе од осум милиони евра.
Осум милиони евра не се ситни пари затурени меѓу две сметки. Станува збор за сума за која јавноста има право да добие конкретни одговори, а не уште едно соопштение составено од рокови, мерки, постапување и идни известувања.
Секако, истрагата мора да се води професионално, без политички пресуди и со почитување на презумпцијата на невиност. Но тајноста на истрагата не смее да биде алиби за целосна институционална немост, особено кога станува збор за поранешен вицепремиер кој повеќе од една година беше недостапен за правдата.
До 23 август Обвинителството има можност да покаже дека предметот „Лотарија“ навистина се движи кон правна разрешница, а не кон тивко истекување на времето.
Во спротивно, јавноста со право ќе се запраша дали во оваа лотарија најголемата добивка нема да бидат осумте милиони евра, туку можноста клучниот осомничен да ја дочека слободата пред институциите да соберат храброст јавно да кажат дали воопшто го повикале на распит.
![]()

