БОГОЈЕСКИ ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „ПОЛИТИКА“: НАРОДЕН КАПИТАЛИЗАМ ќе го ослободи Македонецот од сиромаштија

Македонската политика со децении се движи меѓу две крајности – држава што создава зависни граѓани преку социјална помош и партиски привилегии и капитализам во кој богатството и сопственоста се концентрирани во рацете на мал број семејства. Наспроти овие веќе познати модели, лидерот на Македонски концепт, проф. Петар Богојески, во ексклузивна изјава за „Политика“ за првпат ја отвора идејата за народен капитализам.

Станува збор за поинаква политичка и економска визија, чија цел не е граѓанинот трајно да зависи од државата, туку да добие вистинска можност да стане сопственик. Наместо државата да ја мери социјалната политика единствено преку висината на помошта што ја распределува, Богојески предлага систем што ќе создава луѓе со сопствен дом, бизнис, заштеда и удел во економијата.

Во суштината на овој концепт е идејата дека сиромаштијата не се победува само со повремена финансиска помош, туку со економско осамостојување на човекот. Улогата на државата, според оваа визија, е да обезбеди владеење на правото, фер правила и еднаква почетна шанса, а не да создава генерации граѓани чија егзистенција зависи од политичката волја на власта.

Со ова, Богојески внесува нова теза во македонскиот политички простор – дека најсилната социјална политика е создавањето граѓани – сопственици, способни самостојно да создаваат, да инвестираат и да ја градат иднината на своите семејства.

Во продолжение, неговата изјава ја пренесуваме во целост:

„Нам не ни треба капитализам во кој неколку семејства поседуваат се. Нам ни треба народен капитализам, општество во кое што повеќе граѓани ќе имаат свој дом, свој бизнис, своја заштеда и свои акции. Затоа што сопственоста создава независност, а независноста создава слободен граѓанин. Тоа не е држава без обврски, туку држава што обезбедува фер правила, владеење на правото и еднаква шанса што повеќе луѓе да станат сопственици, наместо трајно да зависат од државата. Најсилната социјална политика не е човекот цел живот да чека помош од државата. Најсилната социјална политика е човекот да стане сопственик, да создава, да инвестира и сам да ја гради иднината на своето семејство“- Професор Петар Богојески.

Loading