ЌЕ ЗАМОЛКНЕ ЛИ УНГАРСКАТА НУКЛЕАРКА? „Пакш“ на девет сантиметри од ново исклучување

Во нуклеарната централа „Пакш“ во Унгарија трае вистинска битка со времето и со сè понискиот водостој на Дунав. Надлежните служби вложуваат вонредни напори за да ја одржат работата на двете преостанати турбини, додека прогнозите за следните денови најавуваат ново влошување на состојбата.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар предупреди дека вторник и среда, 18 и 19 август, ќе бидат клучни за натамошната работа на централата. Според очекувањата, нивото на Дунав во тој период би можело дополнително да се намали за 14 до 15 сантиметри.

Во моментов водостојот е само девет сантиметри над критичната граница при која би морала да биде исклучена и претпоследната турбина.

„Сега сме на девет сантиметри од нивото што би наложило повторно исклучување на претпоследната турбина“, соопшти Маѓар на социјалната мрежа X.

Доколку се остварат прогнозите за нов пад на водостојот, производството на електрична енергија во „Пакш“ би можело повторно да биде дополнително ограничено. Сепак, од четврток се очекува извесно подобрување, бидејќи врнежите во австрискиот слив на Дунав би можеле да донесат нов прилив на вода.

Нуклеарната централа веќе подолг период работи со значително намален капацитет поради историската суша и рекордно нискиот водостој на Дунав. Водата од реката е неопходна за ладење на постројките, поради што секое дополнително намалување директно ја загрозува работата на турбините.

„Пакш“ има клучно значење за унгарскиот електроенергетски систем, па евентуалното ново исклучување би можело дополнително да го зголеми притисокот врз снабдувањето со електрична енергија. Унгарските власти веќе преземаат итни интервенции за подигнување на нивото на водата кај системот за ладење на централата.

Loading