СО КОГО ЌЕ СЕ ПРОШИРИ КРУГОТ НА ОДГОВОРНИ ЗА ГОСТИВАРСКАТА ВОДА? Мицкоски најави дека тројцата можеби не се единствени

Истрагата за загадувањето на водата во Гостивар не завршува со трите лица кои досега се обезбедени. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека постои можност со понатамошната постапка да бидат опфатени и други лица, доколку се утврди дека имале одговорност или учествувале во случајот.

Одговарајќи на критиките на СДСМ, Мицкоски оцени дека опозициската партија ја користи состојбата со гостиварскиот водовод како дел од својата политичка стратегија, притоа избегнувајќи да ја отвори одговорноста на локалната власт.

Според премиерот, симптоматично е тоа што во соопштенијата на СДСМ не се споменува градоначалникот на Гостивар, иако водоводниот систем и јавното комунално претпријатие се во надлежност на Општината.

„Зачуден сум зошто за првоповиканиот во случајот, а тоа е градоначалникот на Општина Гостивар, никако не можете да го сретнете во соопштенијата на СДСМ. Кога велам дека сум зачуден, тоа го кажувам иронично, бидејќи истата политичка партија го поддржа за време на локалните избори“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека случајот сè уште го истражуваат Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Досега се обезбедени три лица, но конечниот опфат на истрагата ќе зависи од доказите што ќе бидат прибрани.

„Можно е во натамошниот тек на истрагата да бидат опфатени и други лица за кои ќе се утврди дека имаат одредена одговорност или удел“, посочи премиерот.

Мицкоски го обвини СДСМ дека селективно реагира на проблемите со квалитетот на водата. Тој потсети дека и во минатото постоеле извештаи за неисправна вода во Гостивар, но и во други општини, меѓу кои Прилеп и Крушево, без тогашните надлежни функционери да преземат соодветни мерки.

Според него, актуелната Влада реагирала веднаш по добивањето на информациите за загадувањето. Била спроведена обемна акција за прочистување на системот, по што управувањето со водоснабдувањето повторно било вратено во рацете на Општина Гостивар и локалното комунално претпријатие.

„Оваа Влада презема мерки. Во првиот момент кога го доби извештајот, беше спроведена робустна акција, системот беше прочистен и повторно вратен во надлежност на Општина Гостивар и комуналното претпријатие“, рече Мицкоски.

Премиерот заклучи дека СДСМ има демократско право самостојно да ја определува својата политичка стратегија, но оцени дека нападите поврзани со водата во Гостивар се погрешно избран пристап.

Loading