ГРОМОГЛАСНАТА ТИШИНА ОДЕКНА НИЗ САРАЕВО: „Добри луѓе“ на Манчевски ја пренесе болката на Кочани пред светот
Постојат филмови што публиката ги поздравува веднаш – и филмови пред кои таа најпрво мора да замолкне. „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски во Сараево ја доживеа можеби најмоќната премиера што може да ја има еден документарен филм: не со врева и спектакл, туку со тишина што болеше. Во неа се собраа тагата на Кочани, сведоштвата на преживеаните и храброста на тивките херои, а потоа салата експлодираше во силен и долг аплауз. Тоа беше вечер во која филмот престана да биде само македонска приказна и стана универзално сведоштво за човечката болка, добрина и пожртвуваност.

Документарниот филм „Добри луѓе“ синоќа ја имаше својата светска премиера во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал, пред публика која не можеше да ги скрие силните емоции.
По завршувањето на проекцијата, во салата завладеала заглушувачка тишина, која траела долго, пред да биде прекината со силен аплауз.
„Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“, изјави Манчевски.

По аплаузот следуваше разговор со публиката, воден од селекторката на документарната програма Рада Шешиќ. Во него учествуваа Манчевски, директорот на фотографија Иван Ивановски и дел од соговорниците во филмот – преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На премиерата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, иако „Добри луѓе“ е создаден без финансиска поддршка од државата. Во рамките на фестивалската програма е закажана уште една проекција на филмот.
„Добри луѓе“ е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го реализирал со сопствени средства, како чин на почит кон жртвите, преживеаните и луѓето кои во најстрашните мигови се обидувале да спасат туѓи животи.

Филмот не ја реконструира трагедијата, не ја украсува болката и не се обидува да управува со емоциите на гледачот. Наместо тоа, камерата останува тивка и воздржана, оставајќи ги лицата и зборовите на преживеаните да ја кажат вистината.
Селекторката Рада Шешиќ истакна дека естетиката на филмот е минималистичка и воздржана, со што гледачот уште посилно и поверодостојно се соочува со страшните факти за трагедијата.
По премиерата, филмот продолжи да живее во разговорите меѓу гледачите. Дел од нив сведоштвата ги опишаа како потресни до степен умот да одбива да ја прифати реалноста на пеколот низ кој поминале луѓето во „Пулс“.
Еден од гледачите го опиша „Добри луѓе“ како „прекрасен, радикален, полн со човечност и речиси трансцендентен во својата суштинска едноставност“.
Светската премиера беше проследена и со широк одглас во меѓународните медиуми. За филмот и за Манчевски објавија американскиот „Варајати“, европскиот филмски портал „Синеуропа“, српските „Курир“, „Данас“, „Блиц“ и „Нова“, како и италијанскиот „ProgettoItaliaNews“.
Во интервјуто за „Варајати“, Манчевски објаснува дека свесно избрал крајно аскетски, строг и минималистички пристап, за да ја избегне опасноста од филмска манипулација.

„Го тераме гледачот директно, лице в лице, да се соочи со зборовите и лицата на хероите и на жртвите. Наша задача беше да не се мешаме“, вели режисерот.
Намерата, според него, била да им се даде глас на преживеаните и нивните сведоштва да останат забележани за идните генерации.
Критичарот Владан Петковиќ во „Синеуропа“ пишува дека Манчевски не ги претставува преживеаните и тивките херои како симболи, туку како вистински луѓе – луѓе кои страдаат, истрајуваат и остануваат длабоко човечни.
Според Петковиќ, нивните интимни сведоштва ги надминуваат границите на класичниот документарен филм и отвораат универзални прашања за доброто и злото, животот и смртта и односот на човештвото кон нив.
Во освртот објавен по премиерата, „Данас“ забележува дека Манчевски го интересира мигот во кој човекот сфаќа дека може да умре, но и мигот кога, и покрај стравот, тргнува кон опасноста за да спаси друг.
Наспроти современите документарци кои користат музика, реконструкции и внимателно конструирани сцени за да ја засилат емоцијата, „Добри луѓе“ го избира спротивниот пат. Во него нема лажна утеха ниту филмски пресврт што трагедијата ја претвора во приказна со среќен крај. Останува само фактот дека, во најтешкиот момент, едни луѓе се обидувале да спасат други.
За „Курир“, Манчевски вели дека вистината мора да биде забележана со надеж дека ваква трагедија никогаш нема да се повтори.
„Често има премногу бучава, а премалку вистина. Луѓето кои ја доживеаја оваа трагедија и семејствата кои изгубија блиски имаат право директно да се слушне нивниот глас, нивните емоции и размислувања. Ова не е само документарен филм, туку и документ“, истакнува тој.
Во друго интервју за „Данас“, режисерот нагласува дека ниту една трагедија не е само локална, бидејќи болката, гневот и тагата се универзални.
„Колку сум постар, сè ми е појасно дека хероите не се војсководци, туку добрите луѓе. Тие се поважни и од успешните, и од паметните, и од убавите. Во тоа е суштината на цивилизираното живеење“, вели Манчевски.
За „Блиц“, тој зборува и за одговорноста при раскажувањето на туѓата болка, нагласувајќи дека границата можат да ја постават единствено луѓето кои живеат со неа.
Италијанскиот автор Адриано Ерколани во „ProgettoItaliaNews“ го поврзува сведоштвото на преживеаните со долгогодишната борба на Манчевски против корупцијата и за правото јавно да се зборува.
Манчевски за српска „Нова“ остро зборува и за состојбите во македонската кинематографија, посочувајќи дека филм може да се создаде и без државна или холивудска поддршка – доколку авторот навистина има што да каже и знае како да го направи тоа.
„Добри луѓе“ е реализиран со приватни средства на Манчевски преку „Банана филм“, без учество на Агенцијата за филм, во соработка и со поддршка на „Сапорт Кочани“. Манчевски, продуцентите и дистрибутерите се откажаа од добивката, а целиот приход од филмот е наменет за жртвите од трагедијата во Кочани.
Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.
По светската премиера во Сараево, „Добри луѓе“ ќе биде прикажан на 23 август на фестивалот „Македокс“ во Скопје.
Фото: Сараево филм фестивал / Обала арт центар
![]()

