Тоа не е само нервоза поради чекањето. Тоа е психологија на хиерархија.
Тоа е онаа длабоко вкоренета претстава според која законите на „големите“ држави се прифаќаат како суверено право, додека истите закони, кога ги применува Македонија, се доживуваат како провокација. Пред едни граници се покажува трпение и дисциплина, а пред македонската – навреденост, бес и чувство дека некој посегнал по привилегија која наводно им припаѓа.
Реакциите се речиси школски психолошки пример за тоа колку Македонија е потценета во свеста на дел од нејзините соседи. Почитувањето кон една држава најјасно се гледа во моментот кога таа ќе постави граница, ќе изрече казна и ќе побара нејзините закони да важат за сите. Токму тогаш излегува на површина вистинската перцепција: Македонија се почитува додека е тивка, услужна и проодна, но штом ќе покаже институционален авторитет, нејзиното постапување се доживува како дрскост. Тоа е најчистиот облик на потценување – уверувањето дека оваа држава нема доволно тежина да поставува услови, туку единствено обврска да обезбеди непречен премин кон туѓите граници.

Револтот што се појави кај дел од странските возачи откако на Табановце почнаа да им се врачуваат прекршочни налози од системот „Безбеден град“ не кажува само нешто за сообраќајната култура. Тој открива многу повеќе: како дел од нашите соседи ја перципираат Македонија, колку ја почитуваат нејзината институционална моќ и до каде се подготвени да го признаат нејзиното право да воспоставува ред на сопствената територија.
Возачите не беа запрени без причина. Не им беше наплатена измислена такса, ниту им беше ограничено движењето поради нивното државјанство. Камерите евидентирале конкретен прекршок – пречекорена брзина, минување на црвено светло, истечена регистрација или друго поведение спротивно на сообраќајните правила. Но во реакциите што следуваа, одговорноста речиси целосно се префрли од прекршителот кон државата што го открила прекршокот.
Тоа е класичен механизам на психолошка екстернализација: кога поединецот не сака да ја прифати сопствената одговорност, виновникот го бара во оној што ја санкционирал. Не е проблем што возел пребрзо; проблем е што камерата го снимила. Не е проблем што го прекршил законот; проблем е што Македонија решила да го примени.
Во суштина, казната не ги погоди само по џебот. Таа го наруши нивното чувство на надреденост.
Со години Македонија за многумина што транзитираат кон Грција е перципирана како коридор, а не како држава. Како простор што треба да се помине што побрзо, без особено внимание кон ограничувањата, прописите и институциите. Таквата перцепција создава опасна навика: правилата да се почитуваат не затоа што се правила, туку во зависност од проценката колку државата е способна да ги спроведе.
Во таа неформална балканска хиерархија, кон посилниот се покажува дисциплина, а кон оној што се смета за послаб – ароганција. Законите на посилниот се прифаќаат како неизбежност. Законите на послабиот се доживуваат како дрскост.
Токму затоа истите патници можат со часови да чекаат на грчките гранични премини, иако не направиле никаков прекршок. Колоните се долги, температурите високи, децата нервозни, но сувереното право на Грција да ја контролира својата граница речиси никој не го доведува во прашање. Се негодува поради гужвата, но не се бара грчката држава да се откаже од процедурите за некој побрзо да стигне до плажа.

Слична е состојбата и на Хоргош, премин кој со децении е познат по долги колони и повеќечасовни задржувања. Патниците однапред се подготвуваат со вода, храна и трпение. Чекаат иако не сториле прекршок. Никој сериозно не очекува Унгарија да ги отвори границите без контрола само затоа што некој е уморен, нервозен или му се брза.
Но кога на Табановце треба да се почека поради реално евидентиран сообраќаен прекршок, тогаш Македонија станува „проблемот“. Тогаш социјалните мрежи и туристичките групи експлодираат, а спроведувањето на законот се претставува како малтретирање.
Странската регистарска табличка не е дипломатски имунитет. Ограничувањето на брзината не престанува да важи затоа што некој е во транзит. Ниту, пак, Македонија има обврска да се откаже од сопствениот правен поредок за да остане „удобна“ земја низ која ќе се минува без последици.
Државата што не го спроведува сопствениот закон постепено престанува да биде предмет на почитување. Таа станува предмет на проценка: колку може да се прекрши, колку може да се заобиколи и колку далеку може да се оди без последици. Македонија предолго ја плаќа цената на институционалната попустливост, која надворешно се чита како слабост, а слабоста во балканскиот политички и културен простор ретко предизвикува солидарност – многу почесто предизвикува потценување.
Затоа колоната на Табановце е повеќе од сообраќаен метеж. Таа е судир меѓу една стара навика и една нова реалност. Старата навика вели дека низ Македонија може да се помине без да се внимава на нејзините правила. Новата реалност вели дека прекршокот ќе биде евидентиран, а казната ќе го дочека прекршителот пред да ја напушти државата.
Добредојден е секој што патува, транзитира или престојува во Македонија. Но гостопримството не значи самопонижување. Љубезноста не значи откажување од суверенитетот. А еднаквоста пред законот не е непријателство кон странците, туку основен доказ дека Македонија се почитува себеси.
Ако на Хоргош може да се чека со часови без сторен прекршок и ако пред Евзони може молчешкум да се прифатат долгите процедури, тогаш може да се почитува и македонскиот закон.
Она што дел од возачите го почувствуваа на Табановце не беше неправда. Беше непријатното сознание дека Македонија конечно престанува да се однесува како држава од која секогаш се очекува да премолчи.

![]()

