ВОЗАЧКАТА ИСЧЕЗНУВАЛА, А СЕ ВРАЌАЛА СО „ПОДАРОК“: Кој ја отворил вратата во системот?

Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи испитува сомнежи дека вработени во управните служби незаконски внесувале Ц и Д-категории во возачки дозволи на лица кои никогаш не го положиле потребниот испит за управување камиони и автобуси.

За случајот е известено надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, а МВР во координација со јавен обвинител презема активности за целосно утврдување на фактите. Истрагата треба да покаже колку службени лица биле опфатени со шемата, колку дозволи биле издадени со незаконски внесени категории и дали во случајот биле вклучени и други посредници.

Според информациите што ги објави ТВ Сител, одредени лица биле затекнати во моментот кога во системот внесувале повисоки категории што возачите претходно не ги поседувале. Дел од медиумите објавија дека за ваквата услуга наводно се наплаќале по 1.400 евра.

Шемата, според досегашните сознанија, започнувала со пријавување на возачката дозвола како изгубена. Потоа се поднесувало барање за изработка на нов документ, а при фотографирањето и обработката на податоците во електронскиот систем се внесувала дополнителна категорија.

На тој начин лицето добивало нова возачка дозвола во која било наведено дека има право да управува со камион или автобус, иако не посетувало соодветна обука, не полагало испит и не ги исполнило законските услови.

Од МВР потврдија дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го известил надлежното обвинителство и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Засега нема официјална информација за бројот на осомничени лица, ниту за точниот број спорни возачки дозволи.

ТВ Сител објави и дека меѓу лицата што наводно се опфатени со истрагата има вработени кои претходно биле поврзувани со аферата за издавање лажни пасоши, откриена пред пет години.

Во тој предмет беа осудени десетмина вработени во МВР. Според судската пресуда, тие користеле податоци од македонски државјани кои никогаш немале извадено пасош, а во документите внесувале фотографии и податоци на странски лица. За издавањето на таквите документи се наплаќале по неколку илјади евра.

Преку оваа шема биле издадени повеќе од 200 лажни пасоши, од кои дел завршиле кај лица поврзани со организиран криминал и трговија со дрога, како и кај лица по кои биле распишани меѓународни потерници.

Со реакција се огласи и Левица, од каде што тврдат дека незаконски биле внесени категории во повеќе од 300 возачки дозволи. Оваа бројка засега не е официјално потврдена од МВР или од Обвинителството.

Истрагата треба да утврди дали станува збор за изолирани злоупотреби или за организирана и подолготрајна шема. Случајот отвора и сериозно безбедносно прашање, бидејќи со тешки товарни возила и автобуси можеби управувале лица без соодветна обука и без положен испит.

Loading