ВУЧИЌ ЈА ГУБИ СРБИЈА? Студентите со речиси 49 проценти поддршка

Доколку сега се одржат парламентарни избори во Србија, листата поддржана од студентското движење би можела да освои 48,5 проценти од гласовите и да ја надмине листата на Српската напредна партија предводена од Александар Вучиќ, за која се проценува поддршка од 38,6 проценти.

Ова го покажува аналитичкиот модел на Бирото за социјални истражувања – BIRODI. Според истата проценка, Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ би добила околу 3,9 проценти од гласовите.

Можниот резултат на студентската листа се движи меѓу 45,9 и 51,1 процент, додека поддршката за листата на СНС и Вучиќ е проценета во интервал од 36,3 до 40,9 проценти. За СПС се предвидуваат меѓу 3,2 и 4,6 проценти. Останатите опозициски партии и листите на националните малцинства заедно би освоиле од 7,8 до 10,2 проценти.

Од BIRODI потенцираат дека не станува збор за класична анкета или за сигурна прогноза на изборниот резултат, туку за аналитичко сценарио изработено преку комбинирање повеќе извори на податоци. Во моделот биле вклучени официјалните изборни резултати од 2012 година, кога СНС дојде на власт, истражувања на CRTA, Нова српска политичка мисла, Faktor plus и Ipsos, како и демографските промени евидентирани во базата на Републичката изборна комисија.

Според пресметките, на изборите би гласале приближно 4,13 милиони граѓани. Во ова сценарио е земена предвид можноста за засилена мобилизација на младите, но и враќање на дел од долгогодишните апстиненти на гласачките места.

Токму излезноста на овие групи се посочува како еден од решавачките фактори. Влијание врз конечниот распоред на силите би имале и концентрацијата на опозициските гласови, резултатот на социјалистите и бројот на листи што ќе успеат да го надминат изборниот праг од три проценти.

Во анализата повторно се отвора и прашањето за точноста на избирачкиот список. Според пописот од 2022 година, Србија има 6.647.003 жители, додека во избирачкиот список се запишани 6.500.666 гласачи. Разликата од само 146.337 лица, односно околу 2,2 проценти, подолго време предизвикува сомнежи во јавноста.

Поради тоа, средувањето и проверката на избирачкиот список е едно од главните барања на српската опозиција пред одржувањето нови избори. Таква препорака до српските власти има упатено и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР.

Студентското движење прерасна во значаен политички и општествен фактор по повеќемесечните антивладини протести. Тие започнаа по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, каде што при падот на настрешницата на 1 ноември 2024 година загинаа 16 лица.

Демонстрантите бараат утврдување одговорност за трагедијата, борба против корупцијата, демократизација на државата и ослободување на институциите од политички притисоци. Едно од централните барања на студентите и опозицијата е распишување предвремени парламентарни избори.

Српската власт во повеќе наврати најавуваше можен термин за гласање. Вучиќ на 20 август изјави дека изборите би можеле да се одржат на 18 или на 25 октомври.

Во меѓувреме, српскиот претседател е речиси постојано присутен на терен и настапува низ повеќе градови во земјата. Тој тврди дека неговите политички противници немаат ниту програма ниту идеи за иднината на Србија, а своите поддржувачи ги повикува на изборите да извојуваат поубедлива победа од кога било досега.

Loading