КОМУ МУ ПРЕЧИ ШТО МИТОТО Е РАЗОТКРИЕНО? ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДС дека ја минира борбата против корупцијата

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на обвинувањата на СДС поврзани со случајот во кој владин вработен е осомничен дека побарал и примил пари за посредување при вработување. Од владејачката партија оценуваат дека опозицијата се обидува да го политизира случајот и да ја попречи борбата против корупцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ категорично ги отфрлаат тврдењата за каква било поврзаност на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, со митото за кое се товари осомничениот.

„Очигледно е дека СДС сака да ја попречи и акцијата за сузбивање на корупцијата, измислувајќи клевети, лаги и невистини“, се наведува во партиското соопштение.

Од партијата посочуваат дека случајот бил успешно разоткриен благодарение на подготвеноста на лицето од кое биле побарани парите да го пријави настанот и да соработува со надлежните институции, при што биле употребени означени банкноти.

Според ВМРО-ДПМНЕ, носителите на јавни функции не се обиделе да го прикријат случајот, ниту калкулирале со неговото разрешување, туку овозможиле надлежните органи да постапат и случајот да добие правна разрешница.

„Во нивниот светоглед е неприфатливо законот да важи за сите подеднакво и затоа тие не можат или не сакаат да ја разберат неселективноста во борбата против корупцијата“, се додава во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ возврати и со обвинувања за начинот на кој СДС се справувала со корупцијата додека била на власт, споменувајќи ги поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, лидерот на СДС Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев.

„Сега борбата против корупцијата не познава припадност и не прифаќа калкулации“, порачуваат од партијата.

Во соопштението е упатен и апел до медиумите да не објавуваат клеветнички и невистинити содржини, туку да се придржуваат до проверените и официјално потврдените информации.

Loading