ХАГ ГО ИЗГОВАРА ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР: Што ги чека Тачи и поранешните команданти на ОВК?

Во Специјализираните совети во Хаг денеска се изрекува првостепената пресуда за поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и за поранешните команданти на ОВК – Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени врз најмалку 407 затвореници, од кои најмалку 102 биле убиени.

Изрекувањето на пресудата се очекува да трае меѓу еден час и час и половина, поради сложеноста на предметот. По повеќе од три и пол години судење, јавноста со големо внимание ја очекува одлуката, додека меѓу новинарите во Хаг се споменуваат различни можни исходи – од ослободителна до осудителна пресуда.

Атмосферата во Хаг е напната. Во градот пристигнуваат Албанци од повеќе европски земји, а најавени се и масовни протести. Во и околу судот е засилено присуството на медиумски екипи, додека во судницата се очекуваат семејствата на обвинетите, претставници на институциите во Приштина и новинари од регионот.

Обвинителството тврди дека во текот на постапката ја докажало вината на четворицата обвинети за прогон, незаконско затворање, нечовечко постапување, тортура, убиства и присилни исчезнувања. За делата опфатени со обвинението побара казни од по 45 години затвор.

Според наводите на обвинителството, жртвите биле Срби, Роми и Ашкалии, како и Албанци за кои се верувало дека соработуваат со српските власти, го поддржуваат Демократскиот сојуз на Косово или одбиваат да ѝ се приклучат и да ја поддржат ОВК. Меѓу целите биле и лица што биле прогласувани за противници поради своето вработување, политичката определба или контактите со Срби.

Злосторствата опфатени со обвинението наводно биле извршени од март 1998 до крајот на септември 1999 година, на повеќе од 40 локации на Косово, како и во Кукс и Кахан, во северниот дел на Албанија.

Обвинителството тврди дека Тачи, Весели, Селими и Красниќи, како истакнати членови на Главниот штаб на ОВК, имале клучна улога, знаеле за злосторствата и имале влијание и контрола врз случувањата на теренот. Според обвинителите, заедничката цел била воспоставување контрола врз целата територија на Косово преку насилство врз сите што биле сметани за противници.

Во текот на судењето биле изнесени и сведоштва за тешки облици на мачење и сурово постапување кон затворениците. Претставникот на 156 жртви вклучени во постапката оцени дека припадници на ОВК покажале исклучителна суровост.

Одбраната, пак, тврди дека обвинителството не ги докажало наводите и побара ослободителни пресуди за сите четворица. Адвокатите наведуваат дека ОВК немала единствена командна структура и дека нејзините политички и воени водачи немале ефективна контрола врз случувањата на теренот.

Како сведоци на одбраната беа повикани поранешниот командант на НАТО, Весли Кларк, поранешниот помошник-државен секретар на САД, Џејмс Рубин, некогашниот американски претставник во Приштина, Кристофер Хил, и Џок Кови, поранешен заменик-шеф на администрацијата на УНМИК.

Четворицата обвинети се наоѓаат во притвор во Хаг од ноември 2020 година, а судењето започна во април 2023 година. Во постапката сведочеа 134 сведоци, беа прифатени уште 164 писмени сведоштва, додека обвинителството приложи околу 3.000 докази.

Поради најавените собири и демонстрации во Приштина и во други градови, амбасадите на САД, Франција и Обединетото Кралство ги предупредија своите државјани да го ограничат движењето и да ги избегнуваат местата на кои се очекуваат поголеми собири.

Против Хашим Тачи се води и посебна постапка за попречување на правдата и обид за влијание врз сведоци. Во тој предмет се обвинети уште четворица поранешни припадници на ОВК, а обвинителството за Тачи побара дополнителна казна од шест години затвор.

Loading