ДАЛИ МАКЕДОНИУМОТ ЌЕ ИМА ТРПЕНИЕ ДА ГИ ПРЕЖИВЕЕ СИТЕ „МЕНАЏЕРСКИ ИДЕИ“?

Прво беа решетките. Сега е снимањето музички спот. Утре, кој знае што ќе биде следно.

На прв поглед станува збор за две сосема различни ситуации поврзани со Македониумот во Крушево. Но ако се тргнат настрана металните конструкции, камерите, музиката и сумата од околу 500 евра, останува едно далеку посериозно прашање кое не се однесува само на еден споменик:

Кој и како управува со националното културно наследство во Македонија?

Македониумот во оваа приказна е повод. Суштината е моделот на управување што последните случувања го ставаат под сериозен знак прашалник.

Во јули јавноста реагираше на металните конструкции поставени на Македониумот. Од установата тие беа објаснувани како мерка за превентивна заштита, додека Управата за заштита на културното наследство соопшти дека не дала конзерваторско одобрение и најави инспекциски надзор.

Само неколку месеци подоцна – нов случај.

Овојпат Македониумот бил отстапен за околу 500 евра за снимање делови од музичкиот спот „Секси мама“. Од Историскиот музеј беше објаснето дека продукцијата поднела барање, дека постои одлука на Управниот одбор со која просторот може да се отстапува за снимање и дека за неговото користење бил наплатен надомест.

Но од Управата за заштита на културното наследство повторно доаѓа информација што не смее да биде фуснота во приказната: до Управата не било доставено барање за дозвола за снимањето.

Една ситуација може да биде административен пропуст, недоразбирање или различно толкување на надлежностите.

Кога слично прашање се отвора повторно, за краток период и околу исто заштитено културно добро, тогаш веќе не е доволно да се анализира конкретниот настан. Неопходно е да се анализира системот.

Затоа ова не треба да се претвори во расправа дали некому му се допаѓаат решетките, песната или изведувачот. Уште помалку суштината е дали за неколку часа користење биле наплатени 500 или 5.000 евра.

Прашањето е друго: каде завршува самостојноста на раководството на една установа, а каде започнува обврската на државата да го заштити националното културно наследство?

Заштитеното културно добро не е обична недвижност со која може да се управува исклучиво според логиката: има барање, има слободен термин, има одлука на Управен одбор, има уплата – значи може.

Не мора да значи дека може.

Меѓу „можеме да наплатиме“ и „смееме да дозволиме“ постои огромна разлика. Во таа разлика се наоѓаат законот, стручната проценка, јавниот интерес и институционалната одговорност.

Токму затоа процедурите за заштита на културното наследство не се бирократски украс. Тие постојат за одлуките за вредности што не ѝ припаѓаат само на една генерација да не зависат од моменталната проценка на оној што во моментот седи во директорската фотелја или од составот на еден Управен одбор.

Автономијата во управувањето не значи суверенитет над националното културно наследство.

Раководството управува со институцијата. Управниот одбор носи одлуки во рамките на своите надлежности. Но со решението за именување никој не добива сопственичко право врз културното добро што му е доверено.

И токму тука се отвора уште едно непријатно, но неопходно прашање: какви луѓе избираме да раководат со институциите на кои им е доверено националното културно наследство?

Директорската функција не треба да биде награда, статус или фотелја чија тежина завршува со потписот на решението за именување. Особено не кога под надлежност на институцијата се наоѓа културно добро од национално значење.

Таквата функција подразбира стручност, институционална зрелост, познавање на законските процедури и способност да се препознае границата меѓу она што може самостојно да се одлучи и она за што мора да се побара согласност од надлежните институции.

Оттука, сосема легитимно е да се постави и прашањето за кадровската политика.

Дали е доволно некого да поставите за директор или пред тоа треба сериозно да се прашате дали човекот на кого му доверувате национално богатство располага со професионален капацитет соодветен на одговорноста што ја презема?

Ова не е прашање на лична симпатија или антипатија. Уште помалку треба да биде прашање на политичка припадност. Тоа е прашање на институционални стандарди.

Зашто именувањето е само почеток.

Следува многу поважниот дел: одговорноста.

Кој ја контролира работата на раководството? Кој проверува дали одлуките се во согласност со прописите? Кој реагира кога процедурите не се почитувани? И што се случува откако ќе биде констатиран пропуст?

Ако одговорот секогаш завршува на соопштение, реакција, инспекција и неколку дена медиумско внимание, без јасно утврдена одговорност, тогаш системот практично испраќа порака дека следната грешка нема висока цена.

А кога нема одговорност, грешките не се коригираат, тие се повторуваат.

Денес ќе бидат решетки. Утре снимање. Задутре некоја трета интервенција, закуп, настан или „креативна“ идеја.

И секојпат јавноста ќе го поставува истото прашање откако работата веќе е завршена: кој го дозволил ова?

Тоа не е систем на заштита.

Тоа е систем кој реагира откако проблемот веќе станал видлив.

А националното културно наследство не смее да се штити по принципот „ќе видиме што се случило, па потоа ќе реагираме“. Неговата заштита мора да биде превентивна, стручна и институционално јасна.

Особено кога станува збор за објект чија состојба веќе бара сериозна грижа. Државните институции преземаат активности за заштита и конзервација на Македониумот, што дополнително ја нагласува потребата секоја одлука поврзана со неговото користење да биде внимателно и стручно разгледана.

Токму затоа контрастот е толку силен.

Од една страна зборуваме за конзервација, заштита, национална вредност и јавен интерес. Од друга, за краток период повторно утврдуваме кој бил прашан, кој не бил прашан и кој всушност требало да даде согласност.

Ако институциите што непосредно управуваат со културните добра и институциите задолжени за нивната заштита немаат недвосмислено усогласено разбирање на границите на своите надлежности, тогаш проблемот одамна го надминал конкретниот случај.

Тогаш имаме проблем со начинот на кој се управува со националното културно наследство.

И токму затоа Македониумот треба да биде повод да се постави многу пошироко прашање: што се случува со другите музеи, споменици, археолошки локалитети и заштитени добра низ Македонија?

Кој одлучува? Според кои критериуми? Кој контролира? Какви професионални стандарди мора да исполнуваат луѓето што раководат со овие институции? И, конечно, кој одговара кога ќе биде донесена погрешна одлука?

Без јасни одговори на овие прашања, зборот „заштита“ лесно се претвора во административна формула која ја повторуваме откако проблемот веќе се случил.

 

Затоа ова не е приказна за еден директор, еден Управен одбор, една песна или еден споменик.

Ова е приказна за институционалната култура со која државата го третира сопственото национално културно наследство.

Функциите се привремени. Мандатите завршуваат. Директорите и управните одбори се менуваат. Политичките гарнитури доаѓаат и си одат.

Националното културно наследство мора да остане.

Оние на кои им е доверено треба да ја разберат фундаменталната разлика: не им е дадено да располагаат со него како со сопственост – дадено им е да управуваат со него и да го заштитат.

А државата има обврска да провери дали луѓето на кои им ја доверила таа задача навистина имаат знаење, капацитет и чувство за одговорност да ја извршуваат.

Зашто кога нема одговорност, грешките се повторуваат.

Прво решетки.

Потоа „Секси мама“.

Два различни случаи, а зад нив останува истото прашање: кој одлучува, кој контролира и кој одговара?

Одговорот допрва треба да го дадат надлежните институции.

А дотогаш?

До наредниот „бисер“ од менаџментот на Македониумот.

Само останува да видиме дали Македониумот ќе има доволно трпение да ги преживее сите „менаџерски идеи“ на оние на кои им е доверен на чување.

Loading