Македонската иницијатива за директна дипломатска средба со Бугарија е проследена со пораки од Софија дека разговорите се можни, но во рамките на постојните обврски и европската политика. Бугарската претседателка Илијана Јотова повика на искрен дијалог, истовремено обвинувајќи ја македонската страна за ултиматумски пристап, додека лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, порача дека очекува исполнување на Договорот за добрососедство.
Повод за реакциите е барањето за средба меѓу министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова. Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија ја испратило иницијативата во петокот, по разговорите на премиерот Христијан Мицкоски со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје.
Јотова, во изјава дадена во Благоевград, посочила дека ќе побара од бугарската министерка да ја запознае со содржината на македонското барање. Се оценила како умерен оптимист, но нагласила дека, според неа, европскиот пат на Македонија не може да се гради врз ултиматуми и ветувања.
Таа изјавила дека не располага со детали од разговорот меѓу Мицкоски и Фон дер Лајен, но изразила надеж дека претседателката на Европската комисија настапила со цврста позиција.

Во нејзината порака до македонскиот премиер, Јотова го повторила ставот на Софија дека спорните прашања не треба да се претставуваат како исклучиво билатерални. Според неа, тие се дел од европската политика на проширување, од која Бугарија не би прифатила отстапување. Отвореноста за разговори ја поврзала со прифаќањето на европските вредности и со отсуство на, како што го нарекла, ултиматумски тон.
Борисов, пак, вчера при посетата на Русе ја стави во преден план обврската за почитување на Договорот за пријателство и добрососедство. Поранешниот бугарски премиер потсети дека тој е потписник на документот од бугарска страна и оцени дека и Софија и Европската комисија бараат негово исполнување.
Според лидерот на ГЕРБ, Договорот и францускиот предлог веќе ја утврдуваат рамката за понатамошното постапување. Тој порача дека двете земји не се непријатели, додавајќи дека проблеми не би имало доколку имаат исто разбирање за добрососедството.
Од македонска страна, Мицкоски во последната изјава за иницијативата посочи дека одговор сè уште немало. Прашан за можноста Бугарија да ја одбие средбата, премиерот оцени дека таквиот потег би ги потврдил македонските тези и загрижености, но нагласи дека не очекува негативен одговор.
Предложено е Муцунски и Петрова-Чамова да разговараат во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8. Одржувањето на билатералната средба зависи од одговорот на бугарската страна на испратената дипломатска нота.
![]()

