МАКЕДОНИЈА БАРА ИЗЛЕЗ, СДСМ БАРА МААНА: ЗА СОФИЈА СЕ ПАКУВААТ АРГУМЕНТИ, НА БИХАЌКА СЕ ПАКУВА НЕУСПЕХ

СДСМ успеа да произведе уште еден политички парадокс: партијата што постојано ја повикува Европа за сведок, сега ја доведува во прашање потребата од дијалог. Муцунски се подготвува за разговори во Софија, Мицкоски порачува дека решението мора да се бара на маса, а Фани Каранфилова Пановска веќе го соопшти резултатот: „Од средбата ништо продуктивно не очекуваме“.

Удобна позиција. Без разговор, без записник, без исход – со готова пресуда. Дипломатијата може слободно да почека. Во СДСМ веќе знаат како завршува состанокот што сè уште не започнал.

Но, поголемиот проблем е во прашањето што Каранфилова Пановска го поставува: зошто воопшто да се оди во Софија, откако Урсула фон дер Лајен ги потврдила македонскиот идентитет и јазик? Токму тука партиската аргументација се распаѓа под тежината на сопствената површност.

Затоа што, Фани, охрабрувачка изјава и отстранета политичка пречка не се иста работа. Затоа што пораката за идентитетот не ги завршува преговорите. Затоа што државата има отворени прашања што нема да исчезнат ако на прес-конференција прогласите дека повеќе нема за што да се разговара.

Ако сè е толку јасно, решено и гарантирано, од каде тогаш застојот?

На тоа прашање му треба одговор. Сериозен, конкретен и политички одржлив. Од СДСМ, наместо таков одговор, добиваме сомневање кон самото одење на разговор. Како дипломатската активност да е непристојност што Владата требало претходно да ја усогласи со партискиот центар за соопштенија.

Особено е впечатлива селективната употреба на Урсула фон дер Лајен. Нејзината порака за јазикот и идентитетот се прифаќа како врвен аргумент. Нејзиното охрабрување да се воспостави дијалог со Софија, по кое беше иницирана средбата, очигледно не се вклопува толку лесно во партиската конструкција.

Излегува дека европските пораки треба да ги читаме со партиски маркер: оваа реченица ја подвлекуваме, оваа ја прескокнуваме, а од остатокот правиме напад врз Владата.

Тоа е премногу евтин пристап за прашање што предолго ја чини Македонија.

Каранфилова Пановска предупредува и на опасност од билатерализација на процесот и повторно отворање на договореното. Сериозни зборови, кои бараат сериозно образложение. Кој конкретен предлог од најавената средба ја создава таа опасност? Која позиција е напуштена? Која нова обврска е прифатена?

Јавноста треба да го слушне тоа. Самото постоење средба не е доказ за ништо од наведеното.

Со таквата аргументација, секој разговор може однапред да се прогласи за сомнителен, секоја иницијатива за опасна, а секој обид за придвижување за политички грев. Потоа останува само да се одржи нова прес-конференција на која Владата ќе биде обвинета дека ништо не придвижува.

Прво го оспоруваш обидот да се разговара. Потоа се жалиш дека нема напредок. Политички круг во кој партијата секогаш има соопштение, а државата никогаш нема корист.

Позицијата на Мицкоски дека решението треба да се бара преку дијалог е разумна почетна точка. Таа не ветува чудо во Софија, ниту гарантира дека една средба ќе го расчисти спорот. Но, остава простор македонските позиции да се изнесат, аргументите да се соочат и да се провери дали постои можност за поместување.

Која е алтернативата на СДСМ? Да не се оди? Да се чека? Да се повторуваат истите формулации додека не добијат сила сами да ги отворат европските врати?

Опозиција што претендира повторно да ја води државата мора да понуди нешто посуштинско од неверување во туѓиот обид. Скепсата е лесна. За предлог се потребни знаење, одговорност и подготвеност да застанете зад сопственото решение.

Во настапот на Каранфилова Пановска токму тој предлог недостига. Има предупредувања, има сомневања, има однапред намалени очекувања. Нема убедливо објаснување како избегнувањето на оваа средба би ја подобрило македонската позиција.

А граѓаните имаат право да го побараат токму тоа објаснување. Европската интеграција е премногу сериозна за да служи како партиска фраза што се активира секогаш кога треба да се нападне политичкиот противник.

Од Муцунски треба да се бара јасно застапување на државните интереси. Од Мицкоски треба да се бара одговорност за политиката што ја води. Од секој разговор треба да се бара чесен отчет: што било кажано, што било побарано и дали нешто е договорено.

Но, и од СДСМ треба да се бара минимум политичка доследност. Не може истовремено да се повикувате на европска политичка култура и со таква леснотија да ја оспорувате потребата од дипломатски разговор.

Средбата во Софија може да донесе напредок. Може и да заврши без поместување. Тоа ќе се оценува според нејзиниот исход. Фани Каранфилова Пановска, меѓутоа, веќе ја направи својата оценка и со тоа најмногу кажа за квалитетот на сопствениот политички настап.

Македонија има проблем што треба да се решава. СДСМ има приговор што треба да се соопшти. Разликата меѓу тие две обврски е разликата меѓу државна политика и партиска прес-конференција.

Loading