Добро е што се сретнале. Активен политички дијалог меѓу политичките чинители, дури и ако се на различни страни од политичкиот спектар, не може да донесе ништо лошо. Такви средби кои се во рамки на нивните ингеренции, треба да продолжат. Добро е што ги отвориле темите, истакна Петар Арсовски, политички аналитичар, во вечерашната дебата во „Топ тема“ во врска со денешната средба на лидерот на СДСМ, Венко Филипче и претседателката Горданата Силјановска Давкова во Вила Водно.
„Таквата соработка, на пример за изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, покажа дека заедничкото делување може да донесе некакви резултати кои ќе бидат поздравени и од електоратот и се добри за политичките партии. Дали тоа ќе значи нова ера во соработката меѓу опозицијата и претседателката не знаеме, рано е да се каже. Сепак, тие остануваат на своите различни политички позиции“, рече Арсовски.
Тема на разговорите меѓу Силјановска Давкова и Филипче, меѓу другото, беа евроатлантските интеграции, фузијата на безбедносните агенции.
„Целата меѓународната заедница инсистираше тие да бидат одвоени, да се поделат ингеренциите меѓу АНБ и Агенцијата за разузнавање за да не може да се фокусира безбедносна моќ на ниту едно место која би можела да биде предмет на политичка злоупотреба. Евроатлантските интеграции се жежок костен и тоа е најверојатно единствениот жежок костен за ВМРО-ДПМНЕ во моментот, бидејќи на домашната политичка сцена нема кој сериозно да им парира. И времето тука отчукува. Мислам дека рокот за евентуален потег за уставните измени е март наредната година. Потоа ќе влеземе во оптиката на локалните избори, ништо нема да се случува. Потоа ќе биде уште потешко. Тоа некакво раздвижување, некаков обид да се поместат тие позиции, сето тоа е во рамии на нормалното политичко делување, само што ние не сме навикнати на нормално политичко делување“, додаде Арсовски.
![]()

